Штрковите во Орешани сепак не се убиени, загинале од струен удар

Фото: Facebook

Сè уште никој не поднесол пријава во МВР откако пред два дена во селото Орешани беа пронајдени угинати два штрка, кратко ни одговорија од Министерството за случајот од пред два дена кога настрадаа два штрка, што предизвика бурни реакции на социјалните мрежи.

Од Здружението за заштита на животни „Анима мунди“ во изјава за „Слободен печат“ велат дека дури и да нема пријава, МВР е должно по службена должност да  постапи и да го најде злосторникот.

– Овој случај го третираме како скандалозно злодело и бараме институциите да постапат ургентно, не е возможно никој да не слушнал и да не видел како се случило убиството на штрковите. Бараме најтемелна истрага но не сме оптимисти дека институции ќе постапат, вели  Наташа Кнежевиќ од Анима Мунди.

Сепак, „Слободен печат“ дојде до очевидец кој за нашата редакција раскажа што се случило.

– И оваа година на бандерата во близина на нашата куќа дојдоа пар штркови и изведоа две мали штркчиња. Ги гледавме како ги учат да летаат и како ги хранат. До самата бандера кај што е гнездото има висок напон и еден трансформатор што врши напојување за викенд населбата. Двата штрка беа качени на трансформаторот и се обидуваа да летнат кога удрија во чашките, тогаш изби струја и се направи спој, а штрковите паднаа како покосени. Веднаш истрчавме да видиме што се случи, но за жал видовме дека се мртви. Ова не е првпат да се случи ваква трагедија. Секоја година угинуваат штркови но никој не се осмелува да го премести гнездото бидејќи се верува дека  носи несреќа, вели Лидија Димовска од село Орешани, и нагласува дека таа и нејзините соселани се згрозени од информациите дека штрковите биле убиени, посебно затоа што, како што вели со тие птици се гордеат сите жители на селото.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот