Што се случи со авионот на „Кроација ерлајнс“ во Сплит? Достигна 242 километри на час на пистата, но не полета
Сплитскиот аеродром моментално е целосно затворен за полетувања и слетувања откако авион „Ербас“ на домашната авиокомпанија „Кроација ерлајнс“ денеска имаше инцидент на пистата за време на полетувањето, лизгајќи се од пистата и завршувајќи на тревната површина, објави „Вечерњи лист“.
Препорачано
-Сите патници и членови на екипажот се безбедни и никој не е повреден. Според првичните достапни информации, екипажот, постапувајќи во согласност со пропишаните безбедносни процедури, го запрел авионот, соопшти авиокомпанијата.
Тие додадоа дека патниците го напуштиле авионот и моментално се наоѓаат во зградата на патничкиот терминал на аеродромот во Сплит, каде што им е обезбедена целата потребна поддршка за да го продолжат патувањето.
Инцидентот се случил во 13 часот а летот бил за Франкфурт. Во авионот имало 132 патници и пет члена на екипажот. Сите веднаш биле безбедно истоварени, а техничките служби работат на отстранување на авионот од пистата.
Според податоците од Флајт радар, авионот ја започнал постапката за полетување и забрзал до брзина од 242 километри на час на пистата, по што одеднаш закочил и полетувањето било откажано.
Што можело да се случи? Иако за официјалните и деталните информации ќе мора да се почека детален преглед на авионот, се претпоставува дека на пилотите им била сигнализирана некаква техничка неисправност во авионот за време на чувствителната фаза на полетување, односно дека „се вклучило светло“ што укажува на дефект на моторот или некој друг критичен дефект. Затоа, пилотите според „Вечерњи лист“ постапиле правилно и безбедно според однапред дефинирана постапка и безбедно го запреле авионот пред полетувањето и пред да ја достигнат брзината што во авијацијата е означена како V1, или „брзина на одлука за полетување“. Во превод, кога ќе се достигне таа брзина, полетувањето мора да продолжи, а пред да се достигне таа брзина, пилотите, како во овој случај, можат да го откажат полетувањето и да го запрат авионот на пистата.
Споменатата „брзина на одлука за полетување“ не е фиксна, туку се пресметува во зависност од тежината на авионот, временските услови и другите атмосферски услови, состојбата и должината на пистата, но во просек е помеѓу 240 и 300 километри на час.


