Што нудат партиите на изборите: Од нови фасади на домовите, до светла иднина во ЕУ

Фото: Слободен печат/Архива

Излез од економската криза, обнова, светла иднина, нови работни места, повисоки плати, Албанец за премиер, една држава за сите. Ова се само дел од понудите на политичките партии на предвремените парламентарни избори кои ќе се одржат на 15 јули. Партиските лидери не пропуштаат јавен настап без да кажат што ќе добијат граѓаните. За возврат, очекуваат тие да го дадат гласот за нив.

Адутот на коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ и нејзиниот лидер Зоран Заев за да остане на власт се понудите за економски силна и стабилна земја, праведна, која како членка на НАТО успешно ќе преговара со ЕУ. Од СДСМ ветуваат дека под нивно водство држава ќе стане пристојно место за живеење, со чист воздух. Во нивната програма до крајот на 2024 година има предвидено поголеми плати за сите граѓани, 300 евра минимална и 600 евра просечна плата, но и 100.000 нови работни места и стапка на невработеност од 8 отсто. Ќе биде обезбедена и социјална помош за 34.000 домаќинства како гарантирана минимална помош и детски додаток за 65.000 деца. Во понудата е и бесплатна „зелена“ нафта за сите земјоделци, а не како досега само за 30 проценти,  260 км автопати, 300 км експресни патишта, 950 км локални патишта, рехабилитации на 1.500 км постоечки патни правци. Ќе се врши темелна ревизија на 5 отсто од сите судски пресуди во последните 5 години, по случаен избор, ветува Заев.

– Ако за две ипол години успеавме да влеземе во НАТО, можеме тоа да го направиме и во ЕУ. Започнуваме преговори со ЕУ, ја европеизираме Северна Македонија и го трансформираме општеството уште подобро. До крајот на мандатот, до 2024 ќе ги отвориме 80% од поглавјата за интеграција во ЕУ. Точно и прецизно. Преку преговорите отвораме пристап до европските фондови и обезбедуваме 2 милијарди евра за Северна Македонија. Тоа носат нашите политики на интеграција. Живот по европски стандарди значи и живот во здрава и чиста животна средина и чист воздух – вели Заев

И Коалицијата „За обнова на Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски имаат „ас“ во ракавот за доаѓање на власт. Тоа е понудата за „извесна иднина“ во која граѓаните ќе го планираат својот живот. Со Програмата се предвидува да има и повисоки плати за 25% или за најмалку 6.500 денари повеќе од сега, но и повисоки пензии од 20-тина проценти во еден мандат или повеќе од 3.000 денари за секој пензионер. Невработеност под 10%, намалување на даноците, рамен данок од 8%, 4 милијарди евра домашни и странски инвестиции за 4 години. Во нивната програма се и патиштата, целосна реконструкција на повеќе од илјада километри регионални и државни патишта, 150 километри експресни патишта низ целата држава, енергетска обнова на домовите на граѓаните, нова фасада и оков на секој дом при што инвестицијата половина ќе ја покрие државата. ВМРО-ДПМНЕ нуди и природен гас за секое домаќинство, но и повисоки плати во образованието.

– Поголеми плати за професорите и наставниците, 100.0000 денари за редовните универзитетски професори, 80.000 денари за вонредните професори, 60.000 денари за доцентите, 45.000 денари за асистентите на факултетите. Изградба на национална мрежа на 4 нови Клинички центри и многу други проекти. Следува напорна работа и многу резултати. Власт која нема да биде непријател туку партнер со народот. Подгответе се да бидете сведоци на нов почеток – вели Мицкоски.

Програмата на ДУИ е готова, но од партијата се чекаше датумот за избори за да ги ревидираат податоците. Но ДУИ и овојпат ќе „лови“ гласови со нацонални теми. Претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети, смета дека е дојдено времето Македонија да има прв премиер Албанец кој ќе се залагал за еднаквост, еднакви работни места, еднакви плати, еднакви права и неселективна правда.

– Албанците денес повеќе од кога и да е раководат со врвни позиции, како што се судии на Врховниот и Уставниот суд, Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи, клучни државни институции и претседател на Собранието. Време е за првиот премиер Албанец во Северна Македонија. Ова е албанска национална кауза. Ова е нашиот национален сон. Сонот за целосна еднаквост, сонот за општеството што ги претвора зборовите во дела – рече Ахмети.

И Коалицијата на двете партии Алијансата и Алтернатива, нудат „Една држава за сите” без дискриминација, во која ќе го зајакнат албанскиот глас. Претседателот на Алијанста Зијадин Села нуди враќања на демократијата внатре во албанското општество, односно пад на ДУИ по цели 18 години на власт. И претседателот на Алтернатива Африм Гаши ветува грижа за сите Албанци, без разлика за која партија тие ќе гласаат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот