Што ќе се случи со бизарниот тестамент на Карл Лагерфелд? Ѝ остави милиони на мачката Шупет, а сега многумина го оспоруваат
Седум години по смртта на Карл Лагерфелд, името на легендарниот моден дизајнер повторно е во фокусот на јавноста, овојпат поради судски спор околу неговиот тестамент. Имено, непознато лице поднело барање за оспорување на тестаментот, со што е отворена правна битка за имот проценет на околу 200 милиони евра.
Препорачано
Лагерфелд, кој почина во 2019 година, и натаму предизвикува голем интерес, пред сѐ поради начинот на кој го распределил своето богатство. Како и претходно, најмногу внимание привлекува делот од тестаментот што се однесува на неговата бурманска мачка Шупет. Дизајнерот ѝ обезбедил околу 1,5 милиони долари, куќа со двор и постојана грижа од поранешната куќна помошничка, јасно ставајќи до знаење дека сака неговата миленичка и по неговата смрт да живее во целосен луксуз.
Тој дел од тестаментот засега не е доведен во прашање, па се чини дека судската постапка нема да влијае врз привилегираниот живот на Шупет. Сепак, остатокот од наследството веќе не е толку сигурен.
Според наводи на „Тајмс“, оспорен е тестаментот составен во 2016 година, со што се отвора можност во поделбата на имотот да бидат вклучени и внуците и внуките на Лагерфелд, кои според оригиналната верзија биле целосно исклучени.
Во тестаментот, дизајнерот најголемиот дел од богатството им го оставил на луѓе кои ги сметал за своето „вистинско семејство“ – долгогодишниот асистент Себастијан Жондо, кумчето Хадсон Кроениг, како и моделите Бред Кроениг и Батист Џабикони. Со крвните роднини со години немал контакт, а некои од нив не ги видел уште од седумдесеттите години.
Доколку судот го поништи тестаментот, францускиот закон предвидува имотот да се распредели меѓу најблиските роднини. Тоа би значело дека децата на неговите покојни сестри би можеле да станат наследници, и покрај долгогодишниот прекин на односите. Еден од внуците претходно дури јавно изјавил дека не би го прифатил наследството, бидејќи никогаш немал близок однос со својот вујко.
Како судскиот спор да не е доволен, наследството на Лагерфелд е дополнително оптоварено и со даночна истрага. Надлежните власти испитуваат дали дизајнерот навистина живеел во Монако, како што тврдеше, или во Париз, што би можело да резултира со дополнителен даночен долг од 20 до 40 милиони евра.
Додека адвокатите и потенцијалните наследници се борат за милионите, едно останува неспорно – Шупет е безбедна.
ФОТО | Мачката на Карл Лагерфeлд е „жива и здрава“ и ќе биде главна гостинка на Мет Гала


