Што ќе донира Македонија? Оружје, муниција, воена и медицинска опрема за Украина

НТВ

Македонија ќе донира воени средства и опрема за вооружените сили на Украина. Ваква одлука донесе македонската Влада, која се придружува на сеопфатната поддршка на сојузниците во НАТО и партнерите во ЕУ. Претходно голем дел земји поединечно одлучија да ѝ испратат воена помош на Украина откако на 24 февруари Русија започна воена инвазија врз земјата.

Македонија ќе учествува и во координацијата за прифаќање украински бегалци, а преку истиот механизам ќе упати помош за Украина, која била побарана од нивна страна.

Според армиски извори, Македонија ќе ѝ испрати на Украина оружје и опрема во вредност од повеќе од милион евра. Она што побарале властите од нападнатата држава е опрема за пешадијата. Македонија ќе испрати и армиско пешадиско вооружување и муниција во поголеми количини за украинската војска.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска информираше дека земјава позитивно ќе одговори на барањата на Украина за воена помош.

– Се придружуваме на солидарноста на земјите членки на НАТО и ЕУ за директна помош на Украина. Поради класифицираната информација, не можеме да објавиме повеќе детали за типот и видот оружје што Украина го бара. Како министерство ја поседуваме опремата и ќе ја доделиме со одлука на Владата – рече Петровска.

Министерката појасни дека досега од НАТО не било побарано наше директно вклучување во поставување сили во Источна Европа.

– Според механизмот на НАТО, дополнително може да биде побарана наша помош. Ако биде побарано од нас, ќе испратиме воени сили. Засега нема таква одлука. На сила во рамките на НАТО се стапени планови за одбрана и враќање кои НАТО ги усвои во 2006 година и ние не сме опфатени зашто не бевме членка. Ако биде побарано од нас, ќе испратиме воени сили. Таква одлука сѐ уште немаме донесено – рече Петровска.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи извести дека украинските власти од Македонија побарале крвни единици, медицински помагала и лекови, но и други работи.

Исто така, украинската амбасада побарала, ако дојдат бегалци од таа земја во Македонија, да не им се бараат сертификати за вакцинација за да не се усложнува работата.

Поголема количина пешадиско оружје на Украина ќе ѝ биде испратена и од Хрватска во вредност од 17 милиони евра. Во прашање се пушки, митралези, заштитна опрема, опрема за четири бригади, односно за 12.000 до 20.000 војници. Грција веќе испрати муниција, пушки и ракетни фрлачи. Воената помош е транспортирана со авион „Ц130“, кој пристигнал во Полска. Дополнително два авиона со хуманитарна помош, ќебиња и храна испраќаат грчките власти.

Меѓу другите земји што испраќаат помош е и Финска, која за првпат испраќа оружје за одбрана на друга држава. Финска испраќа 2.500 јуришни пушки, 150.000 парчиња муниција, 1.500 ракетни фрлачи и храна. И неутрална Шведска одлучи да испрати оружје за украинската војска. Напомош ќе пристигне и оружје од Италија. Во меѓувреме тие веќе исплатија 110 милиони евра помош за владата во Украина. Противтенковско оружје испраќаат и од Луксембург.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот