Шпан најави олеснување на мерките во Германија пред крајот на зимата

Фото: EPA-EFE/CHRISTIAN MARQUARDT / POOL

Германскиот министер за здравство Јенс Шпан денеска изјави дека е целосно посветен пред крајот на зимата да се почне со ублажување на строгите антиковид мерки.

-Не можеме цела зима да останеме во толку строго заклучување, нашето општество тоа нема добро да го прифати, рече Шпан за регионалната медиумска групација „Функе”, во време кога јавноста се повеќе покажува нетрпеливост заради ограничувањата.

Министерот додаде дека бројките се охрабрувачки и дека е забележан значителен пад кај новозаболените лица.

Стапката на инфекција, односно просечниот број на новоинфицирани на 100.000 жители, опадна под 100, и денеска изнесуваше 87, приближувајќи се до 50, бројката под која е можно да се планираат ублажувања на мерките за заклучување во Германија.

Министерот, меѓутоа, не сакаше да каже дали мерките ќе почнат да се олеснуваат уште од 14 февруари, кога завршуваат сегашните мерки.

-Не е можно со сигурност да се каже во каква ситуација ќе се најдеме на 14 февруари, рече Шпан.

Од Германците е побарано да ги избегнуваат контактите што е можно повеќе, да продолжат да работат од дома, училиштата, детските игралишта, продавниците што не продаваат храна, рестораните, баровите, културните и спортски објекти се затворени, а состаноците се строго ограничени.

Повеќемина експерти предупредија дека се против предвременото излегување од локдаунот, пред се, поради ризикот од новите видови на вирус што се предизвикани од Ковид-19.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот