Шовин се изјасни за виновен за ускратување на граѓанските права на Џорџ Флојд

Поранешниот полицаец во Минеаполис Дерек Шовин денеска пред федералниот суд во Минесота призна дека ги прекршил граѓанските права на Афроамериканецот Џорџ Флојд/Фото: Pool Video Via Court Tv/Ny Times / Zuma Press / Profimedia

Поранешниот полицаец во Минеаполис Дерек Шовин денеска пред федералниот суд во Минесота призна дека ги прекршил граѓанските права на Афроамериканецот Џорџ Флојд при апсењето што заврши со неговата смрт, менувајќи ја неговата изјава од септември кога рече дека не се чувствува виновен по таа точка од обвинението.

На 45-годишниот Шовин му се заканува максимална казна доживотен затвор, иако обвинителите би можеле да бараат полесна казна бидејќи ја призна вината.

Шовин веќе е осуден на 22 и пол години затвор за убиството на Флојд.

Флојд почина за време на апсењето откако Шовин со колено го притискаше неговиот врат девет минути, што го сними случаен минувач на неговиот мобилен телефон. Инцидентот го шокираше целиот свет и предизвика едно од најголемите протестни движења во САД во последните децении.

Шовин и уште тројца полицајци, Томас Лејн, Џ. Александар Куенг и Ту Тао, го уапсија Флојд под сомнение дека користел фалсификувана банкнота од 20 долари.

Лејн, Куенг и Тао се обвинети пред државниот суд за помагање во неговото убиство и нивното судење треба да започне во март.

Освен на државно ниво, сите четворица се обвинети на федерално ниво дека му ги ускратиле на Флојд неговите граѓански права бидејќи не му пружиле медицинска помош.

Шовин е обвинет и на федерално ниво за кршење на правото на Флојд да не биде неоправдано притворен со употреба на прекумерна сила. Тао и Куенг се обвинети на федерално ниво дека го прекршиле правото на Флојд да не биде неоправдано притворен со тоа што не интервенирале и не го оттргнале Шовин додека клечел врз неговиот врат.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот