Шилегов: Новиот ГУП на Скопје ќе предвиди урбанизација на северниот дел од градот

Фото: Ристе Пејовски/Слободен печат

Град Скопје, Министерството за транспорт и врски и Агенцијата за планирање на просторот, денеска ја најавија изработката на новиот Генерален урбанистички план за 2022-2023 година. 

Актуелниот ГУП е донесен во 2012 година, со важност до 2022 година,  а како што рече градоначалникот Петре Шилегов, од тогаш до денес се извршени многу парцијални измени на просторот, што главно се однесуваат на измени на програмите и локациите за определени содржини.

-Како градоначалник лично се залагам за контролирано и планирано ширење на градот, визионерско планирање на сообраќајната инфраструктура, соодветно планирање на комунална инфраструктура, повеќе јавни зелени површини. Верувам дека Скопје ќе се развива и шири на начин што ќе го релаксира притисокот од претераната урбанизација на јужниот дел од градот, на сметка на рационално користење на неискористените слободни површини во северниот дел од градот, рече Шилегов.

Тој нагласи дека направени биле значајни пропусти во актуелниот ГУП, поради што на Скопје му се случува и актуелниот проблем со Расадник, каде што е планирано да се изградат 120 згради.

-Ние како Град направивме сериозна редукција на тоа што беше планирано да се прави во Расадник, според стариот ГУП. Меѓутоа некој го предвидел урбанизирањето на тој дел од Градот, во смисла на изградба на станбени објекти, и по основ на тоа некои луѓе реализирале права, кои не можеме до крај да ги редуцираме во целост. Таму беше планирано да се гради на станбена површина од 400.000 м2, за таканаречен развој. Секторот за урбанизам во Град Скопје ја намали површината за градба, но поради ДУП-от од 2012 година, не сме во можност целосно да го редуцираме, објасни Шилегов.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски нагласи дека новиот Генерален урбанистички план ќе се работи во следните 3,5 години, по строго утврдени правила и прописи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот