Продолжува „битката“ за нови автобуси додека граѓаните молат за нормален превоз

Данела Арсовска на седница на совет на град Скопје / Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Од Град Скопје денеска обвинија дека претседателот на Советот, Трајко Славески, спротивно на Деловникот и Статутот, воопшто не го ставил предлогот за набавка на нови еколошки автобуси на дневен ред на наредната седница, a Славески за „Слободен печат“ вели дека Деловникот го толкува претседателот на Советот и дека по 18-ти пат еден ист предлог да се предлага на дневен ред е стандардна дефиниција за лудило кога истото се повторува со очекување дека крајниот резултат ќе биде различен.

Градоначалничката Данела Арсовска повторно на наредната седница на Советот предлага советниците да гласаат за набавка на нови еколошки автобуси со кредитно задолжување на Град Скопје во некоја домашна банка, предлог за кои советниците досега 20-тина пати гласаа и не го изгласаа. Но, претседателот на Советот Трајко Славески си достоја на зборот и овој предлог не се најде на дневен ред за наредната 49 седница која ќе се одржи в среда, на 19 јуни.

После последното гласањето на минатата седница, кога по којзнае кој пат предлогот доби поддршка само од неколкумина советници, Славески категорично рече дека додека е претседател на Советот, нема да дозволи оваа точка повторно да се најде на дневен ред на седница.

За Град Скопје и за градоначалничката Данела Арсовска, која постојано ги обвинува советниците на ВМРО-ДПМНЕ за состојбите во Градот, ова претставува кршење на деловникот за работа на Советот.

 Иако е доставена одлука за нови автобуси за следната седница, претседателот на Совет Трајко Славески спротивно на Деловникот и Статутот, воопшто не ја става точката на дневен ред за гласање со што го зголемува незадоволството на скопјани поради дотраeните автобуси. Единствена одговорност по повеќе од две години за недостатокот на автобуси во јавниот превоз имаат советниците од ВМРО-ДПМНЕ, кои се власт и мнозинство во Град Скопје и од кои зависи дали ќе има нови еко автобуси и подобар превоз – се вели во соопштението од Град Скопје.

Оттаму тврдат и дека Арсовска со цел да ги охрабри советниците од ВМРО ДПМНЕ да гласаат за реализација на ветувањата кои ги имаат дадено за нови автобуси, на секоја седница им предлага банката која ќе го финансира проектот како и условите за набавка да ги изберат самите советници, бидејќи оваа одлука можат единствено тие да ја донесат и да се помогне скопјани да не чекаат ни минута повеќе на автобуските станици.

Арсовска не отстапува: Автобусите ќе бидат точка на дневен ред на секоја седница додека советниците не ја изгласаат

Независно од тврдењето на Градот, сите оние кои ги следат седниците на Советот знаат дека градоначалничката не е појавена на последните седници, а и претходно присуствуваше многу ретко. Последното објаснување во врска со евентуалниот начин за кредитно задолжување на автобусите го даде речиси пред две години, кога овој предлог првпат се најде на дневен ред.

Трајко Славески вели дека не станува збор за никакво кршење на Деловникот за работа на Советот, затоа што Деловникот го толкува претседателот на Советот.

Кажав и на претходната седница, 18 пати ист текст што не поминува кај советниците да се предлага на дневен ред, тоа е стандардна дефиниција за лудило – едно исто да се повторува со очекување дека резултатот ќе биде различен. Досега за оваа точка се изјаснувале само по 6-7 советници, а ние сме 45. Во однос на тоа дека работам спротивно на Деловникот, во Деловникот стои дека претседателот на Советот го толкува Деловникот, значи јас можат да одлучам дали некоја точка ќе се најде на дневен ред или не. На наредната седница оваа точка доколку некој мисли дека треба, може да ја предложи на дневен ред, па ако добие поддрша од мнозинството советници во тој случај ќе биде дел од дневниот ред – вели Славески за „Слободен печат“.

Според него, градоначалничката постојано ги обвинува советниците на ВМРО-ДПМНЕ дека не гласаат, но не гласаат ни СДСМ и други советници, поддршка даваат само многу мал број советници.

Арсовска остана без нови автобуси, Советот не даде дозвола да се купат со заем од банка

Есента Арсовска се пофали дека во буџет за 2024 година ќе се буџетира и ветениот бесплатен јавен превоз за сите граѓани. Но кога буџетот се најде на седница пред советниците, во него не беа предвидени средства за набавка на нови автобуси што е еден од условите за да се обезбеди бесплатен превоз.

Доколку Арсовска предвидеше средства за набавка на автобуси во буџетот за 2024 година, ќе гласавме. Но, не предвиде – вели Славески.

Градоначалничката во својата предизборна програма „За модерно Скопје“ освен бесплатен превоз ветуваше и нови 250 еколошки автобуси.

Заради намалување на загадувањето на главниот град, предвидуваме транзиција кон целосно еколошки јавен транспорт. Нашата цел е поефикасно извршување на јавниот превоз, како и заштита на животната средина. Во соработка со централната власт и меѓународни партнери, се обврзуваме на промена на автобуската флота со еколошки автобуси на природен гас и електрични автобуси – стои во програмата на Арсовска.

Во програмата никаде не беше прецизирано дека нови автобуси ќе набавува Град Скопје и тоа си кредитно задолжување, а меѓународните партнери веќе не се споменуваат.

Сепак, градското раководство вината одново ја бара кај ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски и лично ги ветуваше новите автобуси за скопјани, за кои дури најави и дека преговара со компанија за набавка на 100 електрични автобуси, но до сега повеќе од 2,5 години тоа ветување не се реализира, како ни неговото ветување за вкупно 250 нови автобуси од програмата за Скопје која лично континуирано изјавува дека ја поддржува – нагласуваат од Градот.

Во меѓувреме, додека трае меѓусебната „битка“ на градоначалничката и советниците, скопјани се возат во прастари автобуси, кои притоа се и без клима, нечисти и нередовни. И не ги засега ни кој е крив, ниту кој е прав – бараат нормална услуга за парите кои секојдневно ги плаќаат за јавен превоз. Некои од нив сѐ уште се надеваат дека ќе го добијат и бесплатниот превоз што го вети Арсовска.

Град Скопје сака и нови автобуси и воведување БРТ: Има ли план во која насока ќе се развива градскиот превоз?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот