Лани леевме солзи, годинава никој не го споменува, цената на кромидот се врати на 30 денари за килограм

Архива на СП

Македонија лани потрошила фрапантни 4,02 милиони долари за увоз на кромид, лук и праз, што претставува зголемување од 90 отсто во однос на 2022 година, покажуваат податоците на Тренд Економи. Во моментот цените на кромидот на зелените пазари се во „низок старт“ – жолтиот чини 30 и 40 денари, а црвениот, кој годинава речиси и да го нема се продава за 100 денари за килограм

Македонија лани потрошила фрапантни 4,02 милиони долари за увоз на кромид, лук и праз, што претставува зголемување од 90 отсто во однос на 2022 година, покажуваат податоците на меѓународната веб страница Тренд Економи. Зголемените девизни одливи за кромидот, беа поради намаленото светско производство, оти домашното речиси и не го помирисавме, а сето ова придонесе лани овој зеленчук да стаса до 120 денари за килограм! На македонските домаќинки им останаа солзите од цените на зелените пазари и по маркетите, оти во 2023 година, цената на кромидот во Македонија се зголеми за фрапантни 150 отсто! Инаку, најголемиот дел од увозот на овој зеленчк е остварен од Србија со учество од 68 отсто (2,74 милиони УСД), Холандија – 9,13 отсто (367 илјади УСД) и Албанија – 7,4 отсто (298 илјади УСД). Покрај овие крупни добавувачи, на нашите пазари има кромид, лук и праз и од Франција, Кина, Италија и Турција.

Во моментот цените на кромидот на зелените пазари се во „низок старт“ – жолтиот чини 30 и 40 денари, а црвениот, кој годинава речиси и да го нема се продава за 100 денари за килограм. Незаинтересираноста на земјоделците да садат кромид се гледа и преку високата цена на врзоп млад кромид, кој цела пролет се продава по 60 денари. Кромидот не е каприциозен зеленчук, релативно е евтин и не носи голем профит, па речиси сосема исчезна од нивите. Граѓаните веќе знаат дека како што беровскиот компир „потекнува“ од Хрватска и Холандија, така и бучимскиот кромид пристига од северниот сосед.

Килограм кромид лани во јуни стигна и до 100 денари, а во 2022 година, ова беше храна која можеше да се купи за неполни 30 денари (28,62). Според Земјоделско пазарниот информативен систем на Министерството за земјоделство, во првата половина од јуни годинава, цената на големо на кромидот изнесувала околу 25 денари, а просечната цена на мало била од 30 до 40 денари. Во дел од маркетите се нуди и по 23 денари, што во однос на ланските цени претставува намалување од 80 отсто. Овој зеленчук во 2020 и во 2021 година просечно се продаваше по цена од речиси 18 денари за килограм.

-Лошата работа во овој случај е што родот на кромидот е многу лош веќе втора година поради дождовите кои паднаа во погрешно време. Ова руинираше огромни насади не само кај нас, туку и низ цела Европа, а неминовно е да и поскапе на пазарот – велат земјоделците.

Минатата година Македонија за увоз на храна се потрошени речиси 1 милијарда евра, што покажува зголемување од 88 отсто во последните 10 години. Само 20 проценти од храната и суровините во преработувачката индустрија се произведуваат дома, а за 80 отсто сме увозно – зависни. Дури и земјоделците кои што имаат поголеми површини и посериозен производствен обем на земјоделски производи го намалуваат производството бидејќи нема кој да работи иако дневниците се движат од 2.500 до 3.000 денари дневница за 8 часовен работен ден + храна, пишува порталот Земјоделие.мк.

По 35 годишно вкрстување, измислен е кромид од кој не се плаче

Нова брендирана сорта, сладок кромид без солзи, почна да се продава во САД и Велика Британија. Новата сорта развиена од компанијата „БАСФ“, лани пристигна на полиците на супермаркетите во Германија, откако во декември 2021 година, беше достапна за потрошувачите во Италија.

И купувачите во Велика Британија и Франција, го добија новиот вид на кромид „Сунион“, кој е достапен и во Канада и Шпанија. По повеќе од 35 години одгледување, со вкрстување на различни сорти, беше создадена е нова брендирана сорта на кромид, која кога го сечкате не ве тера на плачење. Оваа нова сорта има и други карактеристики, наведоа од компанијата.

Во изминатите години, многу луѓе се обидуваа да најдат начин да престанат да плачат додека сечат кромид, преку замрзнување, потопување во вода…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот