Шевченко пред Дејвис купот: Проблем е што Калин Ивановски нема да настапи против Кипар
Македонската Дејвис куп тениска репрезентација се подготвува за првиот дуел во 2026 година против селекцијата на Кипар. Нашите тенисери се подготвуваат во Скопје, а ќе имаат и неколку дена подготовки и адаптирање и во Никозија.
Препорачано
– По 20 години сме на едно повисоко ниво. Лани во Скопје постигнавме убав успех. Имаме добри тенисери, кои можат да играат за репрезентацијата. Секако проблем е што нашиот најдобар играч Калин Ивановски нема да настапи. Тој е сега во САД и уште не е подготвен за мечеви од ова ниво физички и психички. Промена на играч може да направиме и на еден ден пред почетокот на мечевите – изјави селекторот Горан Шевченко.
Кипар е репрезентација која во моментов е подобро рангирана од нашата селекција.
– Кипар има еден играч со ранг на АТП листата на 787 место, вториот е со ранг на 1.782 место. Тие во текот на целата година играат пред сè на тврда подлога на која ќе играме и сега – напомена Шевченко.
Според пропозициите од Дејвис купот ова е меч од Втората Светска зона. Со евентуална победа македонските тенисери во септември годинава ќе играат против една од селекциите кои ќе бидат поразени од Првата Светска зона. Противникот се одредува со извлекување на двојките и потенцијално може да бидеме и домаќини. Пораз од Кипар значи дека во јуни годинава би играле како дел од Третата зона во група со шест-осум репрезентации (како што игравме лани во Скопје) и потенцијално и тие мечеви би можеле да се играат во Скопје.
Македонската Дејвис куп репрезентација утре (понеделник) рано наутро патува за Никозија преку Солун. Мечот меѓу македонските тенисери и домашните од Кипар се играат следниот викенд 7-8 февруари.
Шевченко го избра составот, Македонија без Ивановски на Девис Купот


