Шевченко го избра составот, Македонија без Ивановски на Девис Купот
Македонската Дејвис куп репрезентација го отвора настапот во 2026 година со гостување на Кипар, каде следниот викенд ќе го одигра дуелот од Втората Светска зона.
Препорачано
Селекторот Горан Шевченко за пресметката во Никозија се одлучи за составот во кој се Стефан Мицов, Амар Хусеиновиќ, Кристијан Јанев и Марко Алексовски. Во тимот овојпат нема да биде нашиот најдобро рангиран тенисер Калин Ивановски, кој поради престојот во САД и недоволната физичка подготвеност останува надвор од комбинација.
Шевченко најави дека можно е да има измени во ростерот сè до ден пред почетокот на мечевите, во зависност од состојбата на играчите.
Репрезентацијата на Кипар ќе настапи со Мелиос Естатиу, кој е најдобро рангиран во нивниот тим (787. место АТП сингл, 506. дубл), како и со Фотос Фотиадес, Никола Кембел, Константинос Мегалемос и Елефтериос Неос.
Дуелот ќе се одигра во Никозија, на тврда подлога. Во сабота, на 7 февруари, на програмата се два сингл натпревари, додека во недела, 8 февруари, најпрво ќе се игра мечот во двојки, по што следуваат уште два сингла.
Македонската селекција во изминатиот период ги одработи подготовките во Скопје, а патувањето за Кипар е закажано за понеделник.


