Гоце Седлоски/ФФМ

По гостувањето на Македонија кај Турција: Седлоски кредитот го потроши, ќе треба ли да се „раздолжи“?

Репрезентацијата на Македонија засега е неубелива и несигурна под водството на селекторот Седлоски. Во четири меча не постигна ниеден гол, а во последниот дуел претрпе тежок пораз од Турција. Во пресрет ни доаѓаат мечеви од Лигата на нациите, последниот тест за тоа дали Седлоски треба да продолжи како селектор или да се збогува

Лошо ѝ се пишува на Македонија во претстојната Лига на нациите (ЛН) што стартува во септември, ако продолжи со јаловите изданија што ја „красат“ во последниве месеци.

Со новиот селектор Гоце Седлоски на кормилото, „рисовите“ одиграа четири меча без победа, а во тие дуели не постигнаа ниеден гол. Последниов меч, пријателскиот дуел кај Турција, заврши со тежок пораз на „рисовите“ (4-0), со крајно неубедлива игра и речиси без шут кон голот.

Беше истакнувано пред овој меч дека главната цел на нашиот стручен штаб е да се подготви тимот за претстојните дуели во Лигата на нациите. Како што сега изгледаат работите, Македонија ќе има многу тешкотии во сегментот „Б“ од ЛН, највисоко ниво на кое сме настапувале во ова натпреварување.

Играта на црвено-жолтиот тим на натпреварите на кои Седлоски е селектор не покажува никаков напредок споредено со она кога на кормилото беше Благоја Милевски. Напротив, тимот изгледа немоќен, без полет, создава малку шанси за да се затресе мрежата, а голови ни за лек. Седлоски дојде во декември, очигледно е дека сака да направи промени во тимот (во составот и во стилот), но позитивни резултати не се гледаат.

Затоа со право е присутна загриженоста во фудбалската јавност како ќе изгледаат настапите на „рисовите“ во ЛН. Следен меч за Македонија е во Скопје во септември на стартот на ЛН, кога играме со моќната Швајцарија, а во нашата група се уште Шкотска и Словенија. Ова се квалитетни противници што ќе создадат многу тешкотии, ако Македонија настапи на нивото слично на последниве натпреварувања.

Седлоски ја прифати одговорноста за високиот пораз во Истанбул, што само по себе не значи ништо. Селекторот изјави и дека досегашните пропусти не смеат да се повторат. Во тоа е сосема во право. Зашто, впечаток е дека кредитот тој го потроши и со уште еден кикс, фер би било да се „раздолжи“, палката да ја препушти на некој друг.

Седлоски: Ја преземам одговорноста за поразот, сите повикани играчи треба да го даваат максимумот

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот