Седлоски: Ја преземам одговорноста за поразот, сите повикани играчи треба да го даваат максимумот
Фудбалската А репрезентација на Македонија доживеа пораз во Истанбул, откако Турција славеше со убедливи 4:0 во пријателскиот натпревар одигран на стадионот „Шукру Сарачоглу“.
Препорачано
Домаќините беа подобар противник во текот на сите 90 минути и со агресивен пристап уште од стартот го трасираа патот кон победата.
Нашиот селектор Гоце Седлоски им ја честиташе победата на Турците кои сосема заслужено се радуваат.
– Турција има навистина добра репрезентација, добри индивидуални играчи. Загубивме со 4:0, јас ја преземам одговорноста, играчите јас ги поставувам. Иако е пријателски натпревар, на сите играчи, и на дуелот против Босна и Херцеговина, што ги имавме, им дадов шанса. Од ваквите натпревари треба да учиме многу. Имаме доста повредени играчи исто, треба да мислиме и на нив, да ни се вратат до натпреварите што ги имаме во септември во Лигата на нации. Тие што се повикани треба да го даваат максимумот, ова е репрезентација, не е клуб. Секоја грешка што е направена, вакви играчи веднаш казнуваат. Грешки кои не смеат да ни се случуваат во иднина, и треба добро да ги анализираме за да не се повторуваат. Оставете ги играчите, јас сум одговорен, јас сум ги повикал и имам доверба во нив – вели Седлоски.
Следните предизвици Македонија ќе ги има во септември и дуелите од Лигата на нации против Швајцарија, Словенија и Шкотска.


