Радмила Шекеринска / Фото: ALEXANDROS MICHAILIDIS / Profimedia

Шекеринска порача дека НАТО е загрижен за руско мешање на Балканот

НАТО внимателно ги следи обидите на Русија да влијае врз внатрешните процеси во Босна и Херцеговина и поширокиот регион на Западен Балкан, изјави заменик генералниот секретар на Алијансата, Радмила Шекеринска, во интервју за агенцијата ФЕНА.

Таа нагласи дека ваквите активности се препознатлив дел од „рускиот модел на дејствување“, кој вклучува хибридни методи за создавање поделби и политички нестабилности.

„Многу внимателно ги следиме обидите на Русија да се меша во домашните и регионалните процеси. Сведоци сме како хибридните активности создаваат поделби, поттикнуваат сецесионистичка реторика и отвораат нови расцепи во општествата. Ние го следиме тоа“, предупреди Шекеринска.

Таа додаде дека овој модел не е ограничен само на Балканот, туку се забележува и кај други сојузници и партнери на НАТО ширум Европа.

Според Шекеринска, Алијансата останува силно посветена на стабилноста и безбедноста на Западен Балкан, кој го смета за регион од стратешко значење.

Говорејќи за политичките процеси во БиХ, таа испрати порака до лидерите на земјата дека компромисите, иако често тешки и ризични, се неопходни за стабилноста.

„Компромисите носат поголема сигурност и предвидливост. Граѓаните очекуваат вистински исчекори, а не повторување на старите проблеми од последните три децении“, порача Шекеринска.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот