Шабани: Еврејската заедница „Лев Тахор“ не претставува безбедносен ризик

Самет Шабани, Фото: Архива

Група од еврејска верска заедница престојува во Куманово, a куќа во населбата Зелен Рид на периферијата на градот стана привремен дом за десетици припадници на ова заедница.

Дел од жителите од оваа населба реагирале и побарале нивно преместување, а некои ги опишуваат како мирни луѓе. Тие се со поинаков изглед, со специфична облека на главите, за кои во јавноста се шпекулира дека се дел од радикалната еврејска верска група Лев Тахор.

Паника кај кумановчани но и интерес кај пошироката јавност во државата се појави откако овие странски државјани кои се од 30 до 40 на број почнаа слободно да шетаат низ кумановските улици. Меѓу нив е забележано поголемо присуство на деца. Нивната облека и начин на живот влева немир кај кумановци, особено кога ќе ги забележат во доцните ноќни часови. Станува збор за лица со американско и канадско државјанство, кои изнајмиле куќа за престој во Куманово.

Жители на населбата Зелен Рид за „Слободен печат“ изјавија дека властите велат дека не се опасни, но тие тотално покажуваат дека се опасни и го кршат секое човеково право. Оваа екстремистичка и религиозна радикална група од еврејската заедница мора да ја напушти земјата, велат некои од соговорниците.

– Ние не сме засолниште од ваков вид секта, кое длабоко влијае на секој здрав ум. Во комуникацијата со преживеаните од оваа секта тие побараа контакти од надлежните органи за да испратат факти и аргументи дека тие се група која не треба да се поддржи. Жал ми е што кај нас такви луѓе наоѓаат засолниште кога никој на светот не ги сака, вели жител на населбата.

Друг жител на истата населба ни рече дека ова група на странци во нивното мало престојува веќе неколку дена и дека се многу мирни.

„Не слушнав ништо, а живеам веднаш покрај нив. Не прават проблеми и се тивки“, вели еден кумановец.

Самет Шабани, познавач на темата радикализам, директор на невладината организација Хоризонт Цивитас за „Слободен печат“ вели дека Лев Тахор (Чисто срце) е заедница на еврејски верници кои своите религиозни мисли и практики ги засноваат на аскетски погледи на светот за световниот живот.

Според него, иако овој пристап кон животот може да се смета за екстремен во денешните современи околности, исхраната, облекувањето, воспитувањето и религиозната практика на Лев Тахор како и на секој поединец е персонално прашање и како такво не може да се сметаат како безбедносен ризик ниту за државата ниту за граѓанинот.

– Лев Тахор верува дека Бог не ветил посебна земја за Евреите и затоа не ја прифаќаат Израел како држава. Во наш контекст (додека се наоѓаат во Северна Македонија), не смееме да заборавиме дека државата е должна да го обезбеди правото на вероисповед за сите поединци во државата. Секој има право на религиозно уверување и се додека неговата религија не ги повредува правата на другите луѓе, не поттикнува психичко или физичко насилство, не претставува безбедносен ризик. Сепак, релевантните институции треба да истражат дали има психичко/физичко насилство врз децата во предметната група, нагласува Шабани.

Од Министерството за внатрешни работи за „Слободен печат“ велат дека лицата забележени во Куманово се припадници на група од Еврејската верска заедница, и дека не претставуваат никаква опасност и апелира на толеранција и солидарност кон истите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот