СЕМЕЕН ТЕРАПЕВТ: Што да одговорите кога детето ќе постави незгодно прашање?

Нема рецепти и подготвени одговори кои важат во секое време и за секое дете, но со децата треба да се разговара искрено.

Нема родител кој не се нашол во ситуација да не знае што да му одговори на своето дете, кога ќе му постави некое незгодно прашање кои некако не се очекувало. Алармот кај возрасните го вклучуваат и изјавите од типот „ќе си одам од дома“. Дали детето е сериозно или пак само тестира колку може. Семејниот терапевт Елизабета Петровиќ, во разговор за „Слободен печат“ вели дека нема рецепти и подготвени одговори кои важат во секое време и за секое дете, но со децата треба да се разговара искрено.

– Тоа значи дека секогаш постои некаков контекст од кои зависат прашањата и одговорите, и тоа значи дека секое дете си бара индивидуален пристап. Тешко дека може да зборуваме за еден единствен возможен одговор што родителот некаде ќе го научи – објаснува Петровиќ.

Елизабета Петровиќ, семеен терапевт

Прашањата се можност за растење на децата, а некогаш и на родителите. Oдговорите треба да се искрени и доследни.

– Многу често, родителите ги избегнуваат одговорите или смислуваат лаги, кога се во прашање непријатни случки, загуби, прашања од кои се срамат или плашат, семејни тајни… кога сакаат да го заштитат детето. Лагите и избегнатите одговори уште повеќе ги збунуваат децата и ја нарушуваат комуникацијата… Кога сте неискрени, многу често се случува пораките да не се јасни, па децата креираат сопствени, грешни претпоставки.  Сето ова  може да биде база за анксиозност и појава на бројни недоразбирања, недоверба, па дури и конфликти. Исто така, се случува на неодговорени прашања, децата да побараат одговори на други места, па препуштени се нешто да дознаат на погрешен начин, кој може силно да ги збуни, па и да ги повреди. Затоа, во зависност од детската возраст одговорете искрено и со едностави зборови за детето да може да ве разбере. Вашата невербална комуникација нека ја следи вербалната, децата лесно ќе ве прочитаат ако едно кажувате, а друго покажувате. И да, ако навистина не го знаете одговорот, искрено кажете. Не е страшно да не знаете нешто дури и од домашната работа на вашето дете… Тоа е одлична можност да разбере дека никој не знае сè, дека никој не очекува и тоа да знае сè на училиште… во животот… па и дека постојат разни извори од кои можеме да учиме.

Како и да е, добро е децата да умеат и да смеат да прашаат, да иницираат разговор. Разговорот е храна за детскиот мозок и можност за активно слушање. Можност за позитивно внимание и љубов. Уживајте во родителството! Времето лета, децата се гости во вашиот дом, ќе си заминат, но тоа нема да биде она „Сакаш ли да си одам? Тоа ќе биде вистинско растење и добро завршена работа – добрите родители ги испраќаат гостите – порачува Петровиќ.

Во продолжение со нашата соговорничка обработуваме неколку незгодни прашања.

Сакаш ли да имаш среќно дете?

– Прашањето секогаш зборува за оној кој прашува. Ова паметно дете, поставува затворено прашање, преку кое го наведува родителот да одговори со да или не. Полека! Воспитувањето е процес. Кога станувате родител, ја добивате најубавата, но и најодговорната животна улога – воспитувате човек. Затоа, континуирано, во разни пригоди, разговарaјте со вашето дете што сакате да постигнете со одредени постапки. Секогаш е добро кога знае зошто нешто правите, каде го водите, која  е целта, кои се очекувањата поврзани со неговото однесување. Полека учете го зошто не е добро и дури е опасно да биде разгалено дете. Ако му ги исполнувате сите желби, тоа би било разгалено, а не среќно дете. Зависно од возраста, детето може да разбере дека некогаш  играчката е несоодветна, прескапа, или едноставно – значи залудно фрлени пари. Може да се справи со „несреќата“ – НЕ!

Не ме сакаш, го сакаш  бато/дада – љубоморни реакции

Скоро напишав еден расказ „Те сакам најмногу“, за „Развигор“. Токму затоа што децата често чувствуваат недоверба, споредуваат, премеруваат… ги вознемируваат родителите со љубоморни реакции. Ќе ви одговорам преку содржината на расказот и мислам дека е добро и на тој начин да се разговара со децата,  да им се кажува и покажува… Постои семејна математика, која е поинаква од училишната. На училиште можеме да споредуваме различни броеви, количини, со повеќе и помалку. Секое дете е различно, нема исти или еднакви деца, па нека се и близнаци. Но, тие различни деца не се броеви. Затоа, секое дете се сака најмногу, нема повеќе или помалку, нема таква споредба. На децата тоа може да им се кажува, но особено е важно – доследно да им се покажува и да се внимава како се зборува. Понекогаш, се храни недовербата и се условува. Затоа, избегнувајте гласни споредби меѓу сиблинзите, нормално е да се различни. Затоа не велете, дури и во најголема лутина – Не те сакам. Ве охрабрувам, слободно и спокојно да му кажувате на секое дете – Те сакам најмногу! Користете ја семејната математика. Од неа никој не се предозирал, не се плашете. Родителската љубов е единствена и безусловна, вие всушност тоа го кажувате.

Сакаш да си одам од дома?

Прашајте се во кој контекст е кажано ова…  Дали детето е тажно и осамено, па сака да го погледнете и да го слушнете……  Луто е, па го кажува тоа што можеби мама го кажува кога е лута…  Несреќно е – можеби, тато си заминал од дома… Значи, ако ова е резултат на некакво чувство со кое треба да се справи вашето дете,  вие треба да разговарате со него, за да му помогнете. Не е добро чувствата да не се препознаат и споделат, па да ги носи како товар, како ранец кој се полни со тежини…  Но, можеби детето сака нешто да добие, па навикнато е да ве исплаши и знае дека кога ќе се закани ќе попуштите. Бидете одлучни, прекинете го тој повторувачки образец на уцени и исполнување желби. Помислете дека меѓу разгалените и запоставените деца скоро и да има знак еднакво. И едните и другите се без потребни животни вештини, од кои зависи нивната иднина. Секако, не сакате тоа да се случи, па не разгалувајте. Се знае кој, кога и како излегува од дома, кој е родител, а кој дете. Поставувајте разумни граници, во рамките на кои ќе градите прифатливо и нема да толерирате неприфатливо однесување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот