Седум митови поврзани со конфликтот Русија-Украина

Владимир Зеленски, Владимир Путин / Колаж: Слободен печат. - Иван Самарџиев

Проектот на Европската Унија „ЕУ против дезинформациите“ ги идентификува и разобличи клучните митови на руската пропаганда за Украина. Анализата ја објави Делегацијата на ЕУ во Украина.

Од нејзината нелегална анексија на полуостровот Крим во 2014 година и нејзината тековна воена агресија против Украина, Русија водеше одржлива и координирана државно контролирана кампања за дезинформации насочена кон руското население, соседните земји на Русија, Европската Унија и пошироко. Поддржани од медиумите контролирани од државата, руските власти не штедеа напори да ја оцрнат Украина, да ја прикажат како закана за глобалната безбедност и да ја нападнат меѓународната заедница за поддршка на украинскиот суверенитет, територијален интегритет и независност во нејзините меѓународно признати граници. Руската кампања, исто така, директно ја таргетираше улогата на Европската Унија и другите играчи, особено НАТО, погрешно прикажувајќи ги како наводни агресивни закани против „легитимните безбедносни грижи“ на Русија. Неодамнешното воено засилување на Русија, кое започна во пролетта 2021 година на украинската граница и на нелегално анектираниот полуостров Крим, само го засили овој налет на дезинформации, пишува ЕУ во својата анализа.

Во тој контекст, ЕУ ги разгледува најраспространетите и најопасните митови поврзани со конфликтот Русија-Украина.

Мит 1: „Сегашните тензии се резултат на постојаното агресивно однесување на Украина и нејзините сојузници на Запад. Русија не прави ништо друго освен да ги брани своите легитимни интереси и не е одговорна за овој конфликт“.

„Вистината е дека Русија продолжува да го крши меѓународното право и другите договори што самата ги има склучено. Со незаконското анектирање на Кримскиот Полуостров и извршување акти на вооружена агресија против Украина, Русија, како една од постојаните членки на Советот за безбедност на ОН, прекршила најмалку 12 меѓународни и билатерални договори“ – се вели во демантот на овој пропаганден мит.

Активностите на Русија, кои го поткопуваат и загрозуваат територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на Украина, особено во Донбас, се нелегални, пишува во анализата.

Мит 2: „Ситуацијата во Украина го поттикна овој конфликт. Има доказ дека Украина врши злосторства врз своето рускојазично население на истокот на земјата. Русија мора да интервенира, не само затоа што Украина и Русија се „една нација“. Украина едноставно припаѓа на руската „привилегирана сфера на влијание“.

Апсурдни се тврдењата дека Украина ја напаѓа сопствената територија и ги прогонува сопствените граѓани, се вели во анализата на овој пропаганден наратив и се потсетува дека помалку од 1/16 од копнената граница на Русија се дели со членките на НАТО, а само пет од 14-те соседи на Русија се членки на Алијансата. Притоа, се додава дека Русија ја има една од најголемите армии во светот со најголем број нуклеарно оружје. Украина како суверена држава има целосно право да одлучува со кого да склучува сојузи.

Во реалноста, нема докази дека жителите кои зборуваат руски или етнички Руси во источна Украина се соочуваат со прогон – а камоли геноцид – од рацете на украинските власти. Ова е потврдено во извештаите објавени од Советот на Европа, Високиот комесаријат за човекови права на ОН и ОБСЕ.

Мит 3: „Во секој случај, Украина треба да се сврти кон Русија бидејќи ЕУ и Западот не се заинтересирани за земјата и ја напуштија“.

ЕУ има стратешко партнерство со Украина. Всушност, Украина прерасна во еден од најблиските партнери на ЕУ, партнерство консолидирано во последниве години со Договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Украина и Длабоката и сеопфатна зона за слободна трговија. Денес, ЕУ е најголемиот трговски партнер на Украина, со повеќе од 40% од нејзината трговија. ЕУ поддржува широк опсег на програми во Украина во рамките на Источното партнерство на ЕУ и ја поддржува Украина во спроведувањето на нејзината реформска агенда. Од 2014 година, ЕУ и обезбеди на Украина 17 милијарди евра заеми и грантови.

Мит 4: „Сегашната криза е вина на НАТО и на Западот. Ако го испочитуваа ветувањето дека нема да ја прошират Алијансата, Русија немаше да се чувствува загрозена“.

Такво ветување никогаш не било дадено, ниту пак било побарано од НАТО. Руските државно контролирани медиуми честопати тврдат дека на советскиот лидер Михаил Горбачов му било ветено „вербално“ дека НАТО нема да се прошири надвор од обединетата Германија. Всушност, самиот Горбачов го негираше ова тврдење во интервју од 2014 година, велејќи дека „темата „проширување на НАТО“ воопшто не била дискутирана и не била отворена во тие години. Ова го кажувам со целосна одговорност. Ниту една источноевропска земја не го покрена ова прашање, дури ни откако Варшавскиот пакт престана да постои во 1991 година“.

Мит 5: „Поради агресивното проширување на НАТО, Русија сега е „опкружена од непријатели“ и треба да се брани“.

Ниту една земја или сојуз не подготвува заговор да ја нападне Русија. Никој не и се заканува на Русија. Всушност, ЕУ и Украина се цврсти поддржувачи на воспоставениот европски безбедносен поредок. Запомнете дека Русија е најголемата земја во светот по географија со население од повеќе од 140 милиони и има една од најголемите вооружени сили во светот со најголем број на нуклеарно оружје. Апсурдно е да се прикаже Русија како земја под акутна закана. Во однос на географијата, помалку од една шеснаесетина од копнената граница на Русија е со членките на НАТО. Од 14 земји со кои граничи Русија, само пет се членки на НАТО.

Мит 6: „Во секој случај, Русија не е одговорна за актуелните тензии во Украина. Украина намерно ги прекрши договорите од Минск, а Западот дополнително ја вооружува Украина. Русија треба брзо да реагира бранејќи ги своите граници. Провокацијата доаѓа од Запад“.

Всушност, Русија е таа што собра 140.000 војници и опрема на границите на Украина, вклучително и на нелегално анектираниот полуостров Крим.

Русија е страна на договорите од Минск и ова се најновите формални документи во кои Русија го потврди суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Меѓутоа, Русија не ја исполни својата страна за спроведувањето на договорите од Минск. Руската страна и нејзините застапници не успеаја да спроведат прекин на огнот, да го повлечат целото тешко оружје, да спроведат размена на политички затвореници сè за сите или да обезбедат испорака на хуманитарна помош врз основа на меѓународен механизам. Напротив, Русија ги зајакнува илегалните вооружени формации во источна Украина. Русија, исто така, не дозволува неограничен пристап на набљудувачите на СММ на ОБСЕ, вклучително и до границата меѓу Украина и Русија, каде што (многу ограничената) набљудувачка мисија беше прекината поради руското вето во летото 2021 година.

Мит 7: „ЕУ во секој случај е слаба и неважна. Зошто воопшто да се мачиш да зборуваш со ЕУ?“

Рускиот политички естаблишмент работеше напорно за да го убеди светот дека ЕУ е слаба и нема интерес за унапредување на меѓународниот мир и безбедност. Руските официјални лица и државните медиуми рутински ја прикажуваат ЕУ како ирелевантна и неспособна да се справи со кризи, било да е тоа руско-украинскиот конфликт или кое било друго меѓународно прашање. Во јануари 2022 година, министерот за надворешни работи Сергеј Лавров отиде дотаму што ја обвини ЕУ за „импотенција“.

EUvsDisinfo е проект на Групата за стратешки комуникации на Европската служба за надворешни работи – дипломатски ресор на ЕУ. Проектот беше лансиран во 2015 година за да се анализираат дезинформационите кампањи на Русија против ЕУ, поединечните земји-членки и соседите на Европската унија, како и за да се одговори на истите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот