Седлоски: Во Истанбул дојдовме да се претставиме во добро светло и да покажеме што можеме
Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Гоце Седлоски, на денешната прес-конференција во Истанбул порача дека неговите избраници ги очекува сериозен тест против Турција, но и можност повторно да покажат дека имаат квалитет да се носат со силни противници.
Препорачано
Во пресрет на утрешниот пријателски натпревар, Седлоски истакна дека е задоволен од изданието на тимот против Босна и Херцеговина, но нагласи дека процесот на создавање нова репрезентација бара време и трпение.
„Турција е исклучително квалитетна селекција со фудбалери кои настапуваат за врвни европски клубови и редовно играат во Лигата на шампионите. Сепак, дојдовме во Истанбул да се претставиме во добро светло и да покажеме што можеме. Задоволен сум од ангажманот и односот на играчите во досегашниот период, особено по натпреварот со Босна и Херцеговина“, изјави македонскиот стратег.
Седлоски посочи дека во составот има голем број нови имиња, меѓу кои и седум фудбалери од Првата македонска фудбалска лига, па токму ваквите натпревари се добра можност за нивна афирмација.
„Против Босна и Херцеговина имавме тројца дебитанти во почетниот состав, а сега планирам шанса да добијат и играчите кои не настапија на тој натпревар. За нас е важно новите фудбалери што побрзо да се вклопат во системот и да стекнат неопходно искуство на меѓународната сцена“, нагласи селекторот.
Тој додаде дека Македонија ќе настојува да игра напаѓачки фудбал, но и дека многу зависи од квалитетот на противникот.
„Не сум тренер кој размислува само за одбрана. Секогаш сакам моите екипи да бидат офанзивни и да создаваат шанси. Но, на теренот се прашува и противникот, а Турција е селекција со огромен квалитет. Најважно е секој играч да ги исполни своите задачи и да покажеме дека и ние имаме вредност како репрезентација“, порача Седлоски.
Натпреварот меѓу Турција и Македонија се игра утре во Истанбул со почеток од 18:30 часот.
Монтела објасни зошто Турција ја избрала токму Македонија за противник пред Мундијалот


