Се замолкнуваат руските канали: На удар слободата на говор или на дезинформирање?

камери медиуми / фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Овие мерки се преземаат и во многу други земји во Европа, по нападот на Русија врз Украина, како дел од санкциите против Русија и напорите да се спречи ширењето дезинформации и лажни вести во врска со војната.

Исклучувањeто на руските медиуми како Раша тудеј или Спутник, може да биде контрапродуктивно и е облик на цензура – сметаат македонските медиумски здруженија, кои заеднички го поддржаа таквиот став на Европската федерација на новинари (ЕФЈ). Други, пак, здруженија и аналитичари укажуваат дека запирањето на овие медиуми е оправдано и неопходно, во услови кога тие се користат како орудие на специјалната војна.

Македонската влада неодамна издаде препорака до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги да им укаже на кабелските оператори да ги исклучат ТВ-каналите чии основачи се Руската Федерација или руски приватни или правни лица. Овие мерки се преземаат и во многу други земји во Европа, по нападот на Русија врз Украина, како дел од санкциите против Русија и напорите да се спречи ширењето дезинформации и лажни вести во врска со војната.

Здружението на новинари на Македонија, Синдикатот на новинари и медиумски работници и Советот за етика во медиумите на Македонија се приклучија кон ставот на ЕФЈ дека затворање на руски медиуми не е вистински начин за борба против дезинформациите и пропагандата.

„Овој чин на цензура може да има целосно контрапродуктивен ефект кај оние што ги следат овие медиуми. Подобро е, според нас, да се спречи дезинформацијата на пропагандистичките медиуми преку изложување на нивните погрешни факти или лошиот квалитет на нивното новинарство, преку докажување на отсуството на нивната финансиска и оперативна независност, преку укажување дека се во служба на владините интереси и дека го презираат јавниот интерес“, се наведува во заедничката реакцијата на ЗНМ, ССНМ и СЕММ.

Жидас Даскаловски, професор по безбедност на Универзитетот „Св. Климент. Охридски“ – Битола, вели дека препораката за отстранување на руските медиуми е мерка за заштита од дезинформации и пропаганда.

– Продукциски, руските медиуми не се разликуваат од телевизии како Си-ен-ен или Би-би-си. Препораката на Владата за отстранување на овие медиуми е дел од санкциите на САД и земјите на ЕУ кон Русија, кон кои Македонија се приклучи. Ова поведение, пак, е проблематично во рамките на класичната либерална мисла на Џон Стјуарт Мил – вели Даскаловски за „Слободен печат“.

Проф. д-р Никола Дујовски, декан на Факултетот за безбедност, вели дека руските канали и онака кај нас не беа многу следени, па со овој чекор можеби непотребно им се дава поголемо внимание.

– Влијанието што ова одлука го има во западните, европски центри, Брисел, Виена и др., не е еднакво како влијанието кај нас. Ние треба да се бориме за слобода на медиумите, тоа е факт, но не смееме да заборавиме дека долги години сме изложени на лажните вести што ни ја искривија перцепцијата за тоа што е демократијата, ни го изменија општеството. Генерално, овие содржини доаѓаат од портали регистрирани во Руската Федерација, или од луѓе што директно се финансирани оттаму. Има сериозни податоци колку црни пари, или ако сакате и државни пари од Русија, се влеваат во политички партии и поединци во Македонија и на Балканот за да ја шират таа руска пропаганда – вели Дујовски.

Според Елида Зилбеари, проект-лидер на Фондацијата „Метаморфозис“, препораката за затворање на руските медиуми и во Македонија е оправдана.

– Тоа е обид за запирање на ширењето на лагите и пропагандата на Русија, која преку медиумите се обидува да ја оправда агресијата што ја врши кон Украина. Ова не е секојдневна ситуација и одлуката не е донесена без причина. Станува збор за медиуми што без филтер, еднострано, непрофесионално и без проверка на фактите, го пренесуваат лажниот наратив од Русија во време кога оваа земја убива цивили и деца. Исто така, препораката е усогласена со член 10 на Европската конвенција за човекови права, во која се вели дека слободата на говор не подразбира и слобода за ширење лаги и дезинформации – вели Зилбеари.

Таа посочува на анализи на Фондацијата „Метаморфозис“, кои покажуваат дека руската пропаганда, со помош на српските медиуми, вршела големо влијание и има удел во македонските политички кризи.

– Нашето општество е плодна почва за подлегнување на руската пропаганда, не случајно сме на дното според индексот на медиумската писменост – вели Зилбеари за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот