Се води како „Клиничка болница“, а пациентите ги разнесуваат со ќебиња оти лифтовите не работаат
Клиничката болница Тетово треба да опслужува над 200.000 пациенти од целиот полошки регион, но голем број од граѓаните, здравствена помош бараат на скопските клиники.
Препорачано
Тетовци се жалат дека во болницата нема доволно кадар, Ургентниот центар чија зграда е изградена пред десет години не е пуштена во употреба, а за термини чекаат со месеци.

„Нашата болница може да ја споредам со нула, ние сме стари со сопругата кога одиме немам никаква помош, нема стручни лица, се’ е партиски внатре“, вели еден повозрасен жител на Тетово.
„Клиничката болница во град Тетово не функционира никако, катастрофа е таму и не само во Тетово, па и во Битола и во Штип и во Куманово, можам да кажам дека е слична состојбата“, додава друг тетовец.
„Јас не сум задоволен воопшто оти нема никаков ред, чекаш и три месеци за преглед, за толку време човек може и да почине. За ракава три месеци чекам, имам закажано и замислете после три месеци ми даваат приоритет, господ има, па сега што да правиме, тој на народов нека му дава здравје“, раскажува еден тетовец.
Новоназначениот директор на оваа здравствена установа Плумб Вела, вели дека потребна е помош од Министерството за здравство, за да застане установата на здрави нозе.Тој додава дека со пуштањето во употреба на новиот Ургентен центар изграден пред 10 годишно ќе се решат дел од проблемите во установата. Се комплетираат документите за технички прием на зградата, а во меѓувреме ќе се бара и вработување на медицински кадар.
„Ургентниот центар за да се отвори и за да работи нормално, првин треба да се направи технички прием на самата зграда. Ние сме во тек за комплетирање на документите, кои треба да ги доставиме до министерството, за да се разгледа можноста да се направи технички прием на болницата и конечно да се отвори Ургентниот центар. Но, за да се отвори тој центар треба и персонал, значи тука има и недостиг на лекари на среден медицински персонал на техничари и така натака“, вели Плумб Вела директор на Клиничката болница Тетово.

Но, проблемите на болницата не завршуваат тука. Од вкупно 6 лифта колку што има установата, функционираат само два, но и тие не се безбедни, а кај нив се појавуваат чести дефекти, па пациентите ги користат скалите. Но, тие кои се покритични и не можат да се движат по скали низ одделенијата и амбулантите, медицинскиот персонал ги разнесува со ќебиња и чаршави.
„Во моментов работаат само два мали лифтови, едниот работи во Хируршкиот блок, а другиот во Интернистичкиот блок, значи има 6 лифта, а само два работаат. Треба нови лифтови на жалост, ние имаме повикано фирми што се занимаваат со лифтови и тие ни имаат даден писмен одговор дека овие лифтови не се сигурни за пациентите и за медицинскиот персонал и за овој проблем сме разговарале и ќе разговараме со Министерството за здравство“, вели директорот на Клиничката болница Тетово Плумб Вела.


И хигиената во кругот на Клиничката болница Тетово не е на завидно ниво, на само десетина метри од зградата на Хируршкото одделение, секојднено на земја се фрла разновиден смет.


