Се собираа игли и шприцови околу Центарот за зависници во Општина Кисела Вода

Опасен медицински отпад, искористени игли и шприцови беа собирани во близина на Центарот за зависници во Кисела Вода, Фото: Фејсбук

Опасен медицински отпад, искористени игли и шприцови беа собирани во близина на Центарот за зависници во Кисела Вода во рамките на еколошката акција организирана од Општина Кисела Вода. Во акцијата за расчистување на овој тип опасен отпад беа вклучени сезонски работници ангажирани од страна на Општината и овластени лица за собирање на ваков вид отпад.

Како што информираат од Општина Кисела Вода, акцијата за чистење на медицински и комунален отпад се реализира на вкупно три поголеми локации, мапирани како точки на кои е евидентирано натрупување на опасниот отпад за кој e предвиден посебен третман.

-Чистењето започна околу Центарот за зависници и се одвива во неколку траси. Во акцијата за чистење на комуналниот отпад, учествуваат сезонски работници ангажирани од општина Кисела Вода. Тие работат на миење на улиците, собирање на сметот, метење на паднатите лисја,  перење на плочниците и тротоарите, косење на нараснатите тревни површини – информираат од оваа скопска општина.

Оттаму велат дека во делот на собирање на медицинскиот отпад ангажирано е здружението ХОПС, бидејќи, согласно законските одредби, собирање и транспортирање на медицинскиот отпад може да врши само овластено правно или физичко лице.

-Согласно постигнатиот договор со Општина Кисела Вода, ХОПС ќе продолжи секојдневно, со теренско возило да го чисти медицинскиот отпад од територија на Општина Кисела Вода и во наредниот период – информираат од Општината, од каде што потсетуваат и дека медицинскиот отпад е опасен и може да предизвика значителна штета на здравјето на луѓето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот