Сè повеќе млади Јапонци одбиваат да стапат во брак

јапонија
EPA-EFE/FRANCK ROBICHON

Рекорден број на младите мажи и жени во Јапонија велат дека немаат намера да се венчаат, тренд за кој експертите предупредуваат дека ќе ги поткопа напорите за решавање на кризата со населението во земјата, пишува Гардијан.

Националниот институт за население и социјално осигурување – тело поврзано со владата во Токио – ги објави резултатите од нивното истражување, за кои велат дека ќе ја зголемат загриженоста за ниската стапка на наталитет во Јапонија.

Според истражувањето, 17,3% од мажите и 14,6% од жените на возраст меѓу 18 и 34 години изјавиле дека немаат намера некогаш да се венчаат – највисока бројка откако анкетата за прв пат беше спроведена во 1982 година.

Во таа анкета, направена непосредно пред подемот на јапонската економија во средината на 1980-тите, само 2,3% од мажите и 4,1% од жените изјавиле дека никогаш не би се венчале.

Падот на браковите имаше последици врз стапката на наталитет во Јапонија, која се соочува со драматичната депопулација и намалувањето на работната сила.

Експертите го припишуваат овој тренд на неколку фактори, вклучително и зголемената желба кај младите жени да уживаат во „слободите години“ и да се посветат повеќе на кариерата.

Слична причина се наведува и кај мажите, кои велат дека уживаат да бидат сингл. Експертите ја повикаа владата да им олесни на жените да се вратат на работа откако ќе имаат деца и да се справи со озлогласено долго работно време во Јапонија.

На прашањето што претставува „идеален“ начин на живот за жените, речиси 40% од анкетираните слободни мажи и 34% од слободните жени ја наведоа способноста да се балансира кариерата со воспитувањето деца. Во знак на промена на ставовите кон родовите улоги, помалку од 7% од мажите изјавиле дека би сакале нивниот иден сопружник да остане дома за да се грижи за семејството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот