Сè помалку луѓе во Македонија се невработени, ама расте бројот на оние што работат на црно
Невработеноста е на историски ниско ниво од 11,3% отсто, а растечки проблем на македонската економија е недостигот на работници.
Бројот на невработени луѓе во земјава во првиот квартал од 2026 година е намален за еден процентен поен во споредба со претходното, последно тримесечје од 2025 година, а за 2,3 проценти во споредба со истиот квартал лани, објави Државниот завод за статистика.
Препорачано
Од вкупниот број невработени, 62,4 проценти биле мажи, а 37,6 проценти биле жени.
Податоците од ДЗС покажуваат дека и бројот на вработени се намалил, за 0,3 проценти. Од вкупниот број вработени луѓе, 57,9 проценти биле мажи, а 42,1 процент биле жени.
Уделот на неформалното вработување во првиот квартал од 2026 година се зголемува. Неформално се вработени 94.197 луѓе, што е за 4,3 проценти повеќе во однос на претходниот квартал, пресметале државните статистичари. Најголем број неформално вработени – 43,6 проценти, се во секторот земјоделство, шумарство и рибарство, а 17,5 проценти во градежниот сектор.
Според Државниот завод за статистика, активното население брои 797.884 луѓе, од кои 707.385 се вработени, а 90.499 се невработени. Стапката на активност е 52,5, стапката на вработеност е 46,5, додека стапката на невработеност е 11,3.


