Се подготвува зелен коридор на Лепенец

Јавна презентација на Основниот проект за воспоставување зелен коридор по течението на реката Лепенец беше презентирана денеска.
Овој проект е изработен врз основа на Студијата за воспоставување зелени коридори по теченијата на реките Серава и Лепенец од 2017 година. Предмет на оваа студија беше да истражи кои се условите и можностите за воспоставување зелен коридор по должината на реката Лепенец, од клучката кај село Орман до вливот во реката Вардар, како и по течението на реката Серава, од изворот до вливот во реката Вардар.
Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов најави презентација на ист ваков проект за зелен коридор на Серава.
– Зелените коридори по теченијата на Лепенец и Серава се ветувања од мојата програма кои влегуваат во фаза на реализација и јас искрено се надевам дека во многу блиска иднина граѓаните ќе имаат можност да почнат да уживаат во она за што денеска ќе разговараме. Улогата на реката Лепенец долг период беше запоставена, како потенцијален простор за поврзување со зелената мрежа на Градот, не само во смисла на подобрување на квалитетот на животната средина, туку и како рекреативен простор, особено заради определбата на Град Скопје да ја проширува својата територија за развој во непосредната околина на реката, рече Шилегов.
Со цел да се сочува автентичноста на природните вредности на крајбрежјето и да се унапреди биолошката разновидност, Шилегов додаде дека е потребно коридорот да добие третман на речен парк, со приоритетни заштитни и еколошки функции. На тој начин, како што посочи, ќе се обезбедат посебни услови за одмор и рекреација на жителите кои живеат во околните населби.
– Покрај оваа важна функција коридорите се од особено значење и за одржување на еколошките процеси, тие се патиштата за движење на животните, тие се основа за одржување на биолошката разновидност и за одржување на здрава животна средина. Зелените коридори на Лепенец и Серава се наследство кое ќе им го оставиме на идните генерации и токму заради тоа е потребата од презентации, дискусија и разговори кои ќе не одведат до оптимално решение кое ќе биде максимално искористено на долг рок, во следните 20, 50, 100 и повеќе години, нагласи Шилегов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот