Се огласи сопругот на родилката која лажно се претставуваше, покажа и документи во нејзина одбрана

Клинички центар/ Фото: Драган Митрески

Се огласи семејството на родилката-лекарка од ГАК за чие однесување се крена јавноста и институциите бидејќи не кажала дека има заболен или сомнителен член на семејството со што беа ставени во самоизолација многу лекари, медицински сестри и друг персонал во две болници, пишува Нова ТВ.

Откако беше ставена во изолација ја напушти ГАК на свое барање, се породи во приватна болница “Ремедика“ каде се утврди дека и таа е позитивна. Сега се наоѓа во самоизолација, дома бидејќи вчера на свое барање ја напуштила и Инфективна клиника, каде беше префрлена по породувањето со царски рез. Новороденчето е изолирано и одвоено од неа на две недели.

Во писмото испратено од нејзиниот сопруг, за кое бараше да биде објавено во целост, се вели:

„Поради голем број на дезинформации, чувствуваме потреба да ве известиме за правата вистина. Имено пациентката е однесена на УК за Гинекологија и акушерство на 6 јуни поради крварење (не за породување, Документ 1), додека нејзиниот свекор доби известување на 7 јуни, еден ден после примањето на пациентката на клиниката, дека е позитивен на ковид 19. (Документ 2).

Веднаш откако дознавме за позитивниот резултат, ја известивме докторката која ја следеше ситуацијата на пациентката и која работи на ГАК. Бидејќи таа не била на работа, ги известила колегите кои веднаш потоа ја изолирале пациентката. На 7-ми е пуштена дома, поради подобрување на нејзината состојба и неповолните услови за подолг престој.

На 8-ми јуни пациентката е однесена во „Ремедика“, каде што при прием е пополнет АНКЕТЕН лист, во кое првото прашање гласи дали сте имале контакт со инфицирано лице со ковид 19, и заокружено е со ДА.

Овој анкетен лист, според „Ремедика“е архивиран кај нив и ќе биде доставен по службено барање од надлежните. Заради одговорот во анкетниот лист „Ремедика“ има преземено мерки и ја изолираа пациентката. По породувањето, бебето не и е дадено на мајката (новороденчето е негативно на тестот) и уште при породување на мајката и земале брис.

Инаку, нејзиниот свекор се пријави за тестирање поради позитивни случаи со ковид 19 на работа, во просветниот инспекторат. Ги молам медиумите да ги проверат информациите пред да ги пласираат на етерот, бидејќи кружат дезинформации и лажни вести.

Ќе ви одговориме на сите прашање, но ве молам да имате трпение да го надминеме вирусот, свекорот спаѓа во ризична категорија на луѓе, бидејќи има неколку хронични болести. Пациентката се опоравува од царското породување, од вирусот и се соочува со фактот дека новороденчето ќе биде далеку од неа најмалку две недели“, се вели во писмото од сопругот, кој побарал од Нова ТВ  да не се објавува неговиот идентитет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот