Хари Кацановски - новинар

Се крие ли по еден Епстин во секој од нас?

„Богатите ‘пробале сѐ‘, па сега бараат посилен поттик и, евентуално, ја преминуваат моралната граница“. Можеби има некоја вистина во ова толкување на човековата природа, но, сепак, тоа е поедноставување и не секој богаташ ги има истите пориви само бидејќи има пари. Не секој милионер се препушта на коцкање, дроги, алкохол и на разврат.

Џефри Епстин сега е насекаде. Тој е тема на муабети во кафулиња, објави на социјалните мрежи и на форумски дискусии, а секој ден се појавува вест што открива нов детаљ за неговите злосторства. Додека сѐ повеќе славни личности се појавуваат во неговите досиеја – некои ни криви ни должни, а некои можеби и криви и должни – се отвора прашањето дали моќта може да го разниша нашиот морален компас.

Отворањето на ова прашање отвора и врата за екстремни теории на заговор – од верувања дека глобалните елити вршат тортура врз деца за да им го извлечат аденохромот од крвта и да си го инјектираат за да останат млади, до тврдења дека сатанисти жртвуваат деца во педофилски ритуали. Настрана од овие муабети, кои во најмала рака се претерани, многу етички дилеми не треба да се занемаруваат бидејќи злоделата на Епстин се стари сенки со нова маска. Таквите злодела не се ни прв, а за жал, веројатно ни последен инцидент во историјата. Овие грозоморни аспекти од човековата природа се проткајуваат во сите култури уште пред времето на Калигула, тие биле и се практика во многу култови, групи, организации, па и во цели општества во кои се нормализирани. Историјата сведочи разни моќници што ги задоволувале своите апетити на морничави начини, а честопати поминувале без последици во бирократските лавиринти на правниот систем, со тимови од адвокати и со судии што мижат пред „слепата правда“.

Дали во секој од нас се крие по еден Епстин што чека да исплива доколку се збогатиме? Со парите имаме на дланка речиси сѐ што сакаме, бргу се заситуваме, па бараме нешто поекстремно. „Богатите ‘пробале сѐ‘, па сега бараат посилен поттик и, евентуално, ја преминуваат моралната граница“. Можеби има некоја вистина во ова толкување на човековата природа, но, сепак, тоа е поедноставување и не секој богаташ ги има истите пориви само бидејќи има пари. Не секој милионер се препушта на коцкање, дроги, алкохол и на разврат.

Во контекст на моќниците како Епстин, важно е да се постави прашањето дали можеби важи и обратното, дали некои луѓе се предатори секако, па моќта само им овозможила да си ги остварат фантазиите?

Мрачната тријада е психолошки модел што ги групира негативните карактерни профили во три матрици – макијавелизам, нарцисоидност и психопатија. Макијавелистите, психопатите и нарцисоидните луѓе имаат намалена емпатија и страв, па лесно можат да манипулираат со луѓето и да ги експлоатираат нивните слабости за да го добијат тоа што го сакаат. Овие карактеристики одат рака под рака со желбата за моќ, поради што вакви профили честопати забележуваме на високи позиции. Секако, не секој лидер или бизнисмен е психопат, а моќта не мора нужно да создаде сексуален предатор.

Секој што се наоѓа на висока позиција може да биде бескрупулозен во свој стил: некои седат над карта од светот како да играат ризик и поместуваат фигури од живи луѓе што умираат на фронтот, без задршки да жртвуваат илјадници. Други, пак, се професори што ги малтретираат студентите. Злоупотребата на позицијата има многу лица. Епстин имал конкретни типови на жртви на кои бил фиксиран; други влијателни луѓе може да имаат поинакви инклинации. Позицијата и статусот ни даваат одврзани раце да правиме што сакаме, но што сакаме да правиме зависи од нашите пориви кои варираат од човек до човек.

Парафилиите, пориви што отстапуваат од вообичаените сексуални апетити и се класифицираат како растројства, според многубројни истражувања, не се едноставно стекнати поради трауми, неостварени фиксации или поради други „фројдовски“ причини, туку, во голема мера, имаат подлабоки, вклучително и вродени компоненти. Ако некој се наоѓа на висока позиција, има поголема шанса да си дозволи кршење на правилата. Но, тоа не значи дека богатството или позицијата го „направиле“ педофил или зоофил – моќта само може да му даде можности да го прави тоа што го посакува. Затворите се полни со сексуални предатори од маргините на општеството, тоа не е само феномен карактеристичен за богатите.
Веројатно не е спорно дека моќта може да нѐ промени и да ни ја намали совеста, како и рестрикциите, бидејќи може да ни го зголеми еготрипот. Можеби некој ќе посака да проба нешто што инаку не би го пробал. Но, самата моќ не ги создава тие пориви, туку само дава „зелено светло“ да се остварат.

(Авторот е новинар)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот