СДСМ на интензивна нега, Филипче пред тежок зафат
По отчетниот конгрес СДСМ се соочува со бран реакции и критики што ја отворија внатрешната дебата за насоката на партијата. Аналитичарите и поранешните функционери предупредуваат дека поострата реторика нема да биде доволна доколку не следуваат суштински реформи и промени во начинот на одлучување. Прашањето што останува е дали конгресот ќе биде почеток на вистинска трансформација или само уште една пропуштена шанса.
По отчетниот конгрес во саботата, СДСМ влезе во една од најчувствителните фази во своето постоење: фаза во која повеќе не е доволно само да се праќаат пораки, туку мора да се покаже и способност за вистинска промена.
Препорачано
Конгресот го изнесе на површина целиот наталожен товар од изборните порази, внатрешните несогласувања и дилемите околу идентитетот и идната улога на партијата.
Реакциите што следуваа од аналитичари, поранешни лидери и актуелни функционери, покажуваат дека СДСМ денес се наоѓа на крстосница: дали поострата и поагресивна реторика ќе претставува обид за политичка мобилизација, или ќе биде вовед во длабока внатрепартиска трансформација без која партијата ризикува дополнително маргинализирање.
Поагресивна реторика
Според политичкиот аналитичар Петар Арсовски, во последниот период кај СДСМ може да се забележи промена во начинот на политичко комуницирање, која се манифестира преку поагресивна и поантагонистичка реторика, за која оценува дека е поактивна во однос на претходните настапи на партијата.
Тој за „Слободен печат“ вели дека ваквиот пристап претставува обид во СДСМ да се внесе одредена „инфузија“ на нова политичка енергија, во услови на длабока внатрепартиска и општа политичка криза.
Арсовски посочува дека пораките што во последно време ги испраќа раководството, особено оние што се поврзуваат со симболиката на факелот на слободата и демократијата, се дел од поширока стратегија за воспоставување нов политички наратив и редефинирање на идентитетот на партијата во јавниот простор.
Аналитичарот нагласува дека станува збор за обид СДСМ повторно да се позиционира како носител на демократските вредности, преку поостра реторика и појасно разграничување од политичките противници.
– Ова е првпат партијата да се соочува со една навистина посериозна и поотворена критика од сопственото членство и од јавноста. Прашањето што останува отворено е дали таа критика ќе прерасне во конструктивна и инклузивна дебата, која може да придонесе за внатрешна трансформација и зајакнување на СДСМ, или, пак, партијата ќе реагира дефанзивно и ќе се затвори во сопствените позиции – оценува Арсовски.
Поразот како поука
Нормално е во животот на една политичка партија да има растежи, падови, прогреси и кризи, а тие процеси се сосема нормални, особено ако настане таков кадровски дисконтинуитет како што настана во СДСМ, вели за „Слободен печат“ поранешниот собраниски спикер Тито Петковски.
– Природно е да се случуваат турбуленции во една политичка партија. Па истото ова се случуваше и со ВМРО-ДПМНЕ кога Никола Груевски го замени Љубчо Георгиевски. Тогаш имаше неверојатни меѓусебни напаѓања и поделби. Сега тоа му се случува на СДСМ, особено по големиот пораз на парламентарните и на локалните избори. Очекувано беше да настане престројување во партијата, да почнат да бараат излезни решенија, а пред сѐ тука треба да се мисли како да се врати довербата во сопственото членство. Ако се одлучат за подмладување на партијата, тогаш, како и во животот, тој процес ќе трае малку подолго – објаснува Петковски.
Поразите најчесто носат и освестувањe и кај тие што ја водат партијата, но и кај тие што ја поддржуваат партијата, додава тој.
– Мислам дека честопати поразот е голема поука. Јас се надевам дека по сите овие внатрешни турбуленции, јавно изнесување „валкан веш“, кој секако штети на угледот на политичката партија, ќе дојде до еден процес на смирување. Ако го фатат курсот на внатрешно почитување, толеранција, право на сопствено мислење, артикулација, тогаш мислам дека ќе се вратат на вистинскиот пат. Демократските партии имаат секогаш внатрешнопартиска фракција затоа што го дозволуваат тоа – вели Петковски.
„Или си СДСМ или не си“
Поранешната функционерка од редовите на СДСМ, Софија Куновска, оценува дека конгресот на нејзината поранешна партија воопшто не наликувал на политички настан.
„Театар на апсурдот во кој сцената е полна, а смислата отсутна. Првиот чин започна со монологот на ‘главниот лик’. Наместо автентичен политички говор, добивме хибридна конструкција, склопена од алгоритам и носталгија. Комбинација од вештачка интелигенција и механички пресликан говор на Бранко Црвенковски од 8 октомври 2009 година, од Универзалната сала, кога одекна прочуеното: ‘Или си СДСМ или не си’. Денес таа реплика беше изговорена како лошо синхронизиран ‘дубл’ без страст, без уверување, како дигитално ехо од една одамна одиграна претстава“, напиша, меѓу другото, Куновска на социјалните мрежи.
Порака по завршувањето отчетниот конгрес на СДСМ, упати и пратеничката и поранешна министерка Славјанка Петровска.
Таа преку статус на социјалните мрежи предлага политички ветинг за членовите и за партиското раководство, но укажува и на потребата од сериозни внатрепартиски промени, со цел опстојување на СДСМ на политичката сцена.
„Социјалдемократијата е жива, но ако не почнеме да се менуваме како партија ќе бидеме маргинализирани, а во крајна линија – ќе исчезнеме. Дадов предлог за статутарна измена со која претседателите на општинските организации ќе се избираат непосредно од членството, а не како досега да ги назначува претседателот на партијата. Со ова ја враќаме моќта на одлучување кај членовите. Критичката мисла мора да опстои“, наведува Петровска во објава на Фејсбук.


