Сашо Саздовски: Ме фасцинираат бесконечните варијации

Сашо Саздовски, скулптор

Наградата „Боро Митриќески“ на изложбата „Современа скулптура“ на ДЛУМ во „Арт хаб“ ја доби скулпторот Сашо Саздовски, со кого низ разговор ја откриваме приказната за создавањето на наградената скулптура.

Тематската изложба „Современа скулптура“, која Друштвото на ликовни уметници на Македонија ја организира со цел да се претстават поновите истражувања и идеи во рамките на современата скулптура, е проследена со награда што ја доделува семејството Митриќески.

На изложбата во „Арт хаб“ во ГТЦ учествуваа 19 автори со 22 дела. Наградата „Боро Митриќески“ ја доби скулпторот Сашо Саздовски.

– Наградата за мене претставува голема сатисфакција, бидејќи се познавав лично со авторот, кој беше еден од доајените на македонската уметност и чие плодно творештво остави неизбришлива трага на нашата културна сцена. Како автор, наградите ги доживувам како потврда дека изминатиот труд се исплател и како патоказ дека моето творештво се движи во вистинска насока. Но, од друга страна, ваквата награда претставува огромна обврска да се продолжи понатаму.

Сашо Саздовски со наградата „Боро Митриќески“ / Фотографија: Влахо Бранѓолица

Секогаш се трудам да ја задржам свежината во моите дела откривајќи нови релации помеѓу недефинираните состојби кои овозможуваат преобликување на веќе постојната стварност. Ме фасцинираат бесконечните варијации, кои се можни во геометријата, пространството кое може секогаш да се преосознава и да се изнаоѓаат нови решенија. Таквата истражувачка работа многу ме исполнува кога ќе успеам да се надоврзам на постојните размислувања и да се надградам со нови комбинации во моите дела – истакнува Саздовски.

Наградената скулптура е насловена „Еквилибриум Синергија“ и се состои од два дела. Долниот дел, кој е во форма на полукруг што конкавно се стреми кон центарот, го претставува балансот и овозможува поддршка на дијагоналниот горен дел да ја следи формата и да ја спојува во една целина, која претставува синергија, спој, движење, развој – сѐ она што две енергии заеднички можат да го направат.

Скулптурата „Еквилибриум Синергија“ претставена во „Арт хаб“ / Фотографија: Влахо Бранѓолица

– Идејата на скулптурата, која ги претставува балансот и заемноста, треба да нѐ поттикне да ги размислиме работите што ги добиваме „на готово“. Сакам преку мојата скулптура да го поттикнам гледачот да се врати чекор наназад во размислувањето на целата синергија на различни фактори за да се добие одреден производ – посочува авторот.

Идејата на наградената скулптура била препознаена и од стручното жири во Саудиска Арабија, од бордот на Скулпторскиот симпозиум „Туваик“ на чело со англискиот куратор Марек Волински – кој се одржа во јануари и февруари во Ријад и каде што истата идеја на скулптурата била избрана за изведба заедно со уште 30 скулптури во конкуренција од над 750 апликации од целиот свет.

– Тоа за мене беше огромен предизвик, бидејќи скулптурата ја изведов во монументални димензии со 4 метри во широчина и 3,5 метри во височина во гранит, што како материјал во таков обем беше новитет за мене. Гранитот е многу цврст материјал, тежок е за работа, а требаше делото да се изведе за краток временски период. Бидејќи имав потреба од модел за работа, а во периодот на пандемијата експериментирав со 3Д моделирање на компјутер, како алатка за тридимензионално испробување на скулптуралните идеи, се наметна идејата за 3Д печатење на скулптурата како нов медиум, што се поврза со мојата идеја за спојот помеѓу природата, идејата, човекот и машината – контрастот помеѓу природното и вештачкото и нивниот сооднос.

Првичната идеја за скулптурата била реализирана во монументални димензии во Ријад

Начинот на моето размислување кон скулптурата е отворен во однос на менување на материјалите за да се искаже одредена идеја и мислам дека тие се од второстепено значење, бидејќи во мојата ликовна практика идејата има централно место, иако и изработката и крајната завршница е многу значајна за искажувањето на идеите преку скулптурата. Во моите дела важно е идејата да биде крајно издржана користејќи го ликовниот јазик, да биде визуелно интерактивна, да побудува прашања и да провоцира одговори – открива Саздовски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 173, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 1-2.4.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот