Отворање на изложбата во македонскиот КИЦ во Загреб

Самостојна изложба на скулптури на ликовниот уметник Синиша Новески е поставена во Загреб

Во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, Хрватска, од 23 мај е поставена самостојната изложба „Мистерија и индивидуализам“ на скулпторот Синиша Новески, во организација на Националната галерија, а целосно поддржана од Министерството за култура.

Во изложбениот простор на КИЦ-Загреб се претставени 12 скулптури, а на отворањето на изложбата се обратиле проф. д-р Миљаим Фетаи, вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Северна Македонија во Република Хрватска, Наталија Поповска, директорка на Културно-информативниот центар во Загреб, како и Маја Крстевска, виш кустос во Националната галерија.

За хрватската публика, припадниците на македонската дијаспора и сите останати љубители на уметноста изложбата ќе биде достапна до 30 мај 2024 година.

Оваа изложба го надополнува богатиот календар на настани во 2024 година во доменот на културната дипломатија на Националната галерија и ја потврдува одличната соработка со Република Хрватска, давајќи придонес кон македонско-хрватските културни односи.

Отворање на изложбата во македонскиот КИЦ во Загреб

Авторот за себе ќе каже: „За мене убавината не е она што го гледате кога гледате скулптура, туку она што го чувствувате. Во уметноста нема правила, а не постои ниту строго дефиниран процес за создавање скулптура. Уметникот е свој господар и си создава свој свет како што сака и како што го знае.“

– Како студент работев со живи модели и се фокусирав на реализмот. Така бараа професорите од нас, за да ги научиме основите на скулптурата. Дури во четвртата година на студии добивме задача да создадеме скулптура во наш стил. Ова беше неверојатно тешко, не само за мене, туку и за секој студент – да најде нешто оригинално и креативно.

Моите први скулптури беа од мермер и дрво, како скулптурите на моите професори, но не уживав да работам со овие материјали, беа многу рестриктивни за мене. Потоа, еден ден, додека седев во мојот работен простор опкружен со остатоци од метал, дрво и камен останати од скулптурите што ги направив, ми дојде идејата да го исчистам просторот земајќи ги сите остатоци претворајќи ги во скулптури.

Ова беше почеток на мојата оригинална работа. Ги користев овие парчиња за да обликувам скулптура инспирирана од македонскиот „фолклор“ – традиционална облека, ора и песни. Воедно, уживав во идејата дека овие скулптури се еколошки, претворајќи го отпадот во нешто убаво и трајно.

Скулптура „Хуманизам и брутализам“, бронза, 2024

Откако го завршив академското образование во 2002 година, почнав повеќе да се фокусирам на истражување на човечката форма. Мојата прва самостојна изложба, инспирирана од работата на некои од најголемите скулптори и убавината на женската форма, се состоеше од женски фигури, кои ги извајав во глина, а потоа ги излеав во полимермер.

Со текот на времето, човечките фигури продолжија да ми ја даваат мојата најголема инспирација, но мојата работа сѐ повеќе се стилизираше, прво со јасни и чисти форми кои носат посебна порака, а сега, во моето последно дело, со поизразени, надреални интерпретации. Мојата серија „Парови“, создадена во 2012 година, се фокусираше на меѓусебната поврзаност на нештата, како што се „Мудрост и љубопитност“ или „Татко и дете“.

Самиот наслов на изложбата „Мистерија и индивидуализам“ не е случаен. За време на пандемијата, бидејќи мојата сопруга, ќерка и јас бевме како свет за себе, семејството неизбежно стана доминантна тема во мојата работа. Секоја нова скулптура стана не само експеримент во стилот, формата и материјалот, туку и истражување на близината и далечината, физички и емоционални – сподели авторот со кураторката на проектот, Маја Крстевска, виш кустос во Националната галерија.

Скулптура „Фамилија мир“, бронза, 2020

Голем број скулптури на Синиша Новески се изложени во јавен простор и се дел од приватни колекции во Северна Македонија, Србија, Бугарија и Соединетите Американски Држави.

Изложувал на повеќе од дваесет самостојни изложби и на повеќе од 30 групни изложби. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, актуелен член во Уметничкиот совет, како и на Друштвото на ликовни уметници на Србија. Има учествувано на повеќе од десет ликовни колонии и симпозиуми, освоил исто толку награди, како за сопственото уметничко творештво, така и за менторско-педагошкото работење со студенти, известија од Националната галерија на Република Северна Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот