Плакат за изложбата во „Остен“ / Мице Јанкуловски

Самостојна изложба на сатирични слики на стакло од Мице Јанкуловски е поставена во галеријата „Остен“

Од 14 до 21 април во галеријата „Остен“ посетителите ќе можат да ја видат самостојната изложба на сатирични слики на стакло од Мице Јанкуловски со тематски наслов „Сатирата во името на смеата“.

Македонскиот мултимедијален уметник Мице Јанкуловски ја истражувал ретката и фасцинантна техника на сликање со масло на стакло, создавајќи препознатлив циклус сатирични дела. Создадени претежно во 1980-тите, овие дела користат живописен визуелен речник и остра сатира за да дадат критички општествен коментар.

Со своите сатирични слики тој не само што ја става сатирата во служба на хуморот, туку и во служба на вистината. Деликатната природа на сликањето на стаклената мазна површина, во комбинација со смелата, критичка содржина, ја истакнува единствената способност на Јанкуловски да ги спои техничките вештини со продорната духовитост.

Како уметник, Мице Јанкуловски со децении е јавно присутен преку повеќе уметнички дисциплини (карикатура, сликање сатирични слики на стакло, анимиран филм, палиндроми…), додека постојано е посветен на истражувањето и создавањето во областа на сликарството и цртежот.

Неговата биографија содржи повеќе од шеесет самостојни изложби во земјата и во странство и забележителни претставувања на значајни меѓународни изложби и биенални манифестации, како во Фиренца, Санкт Петербург, Солун, Венеција, Торино, Ларнака, Варна…

Во 1978 година јa има објавено книгата со карикатури „Насмевка низ солзи“ од библиотеката „Кикс“ во издание на „Студентски збор“ и автор е на анимираниот филм „Повлечи – потегни“ во продукција на „Вардар филм“.

Јанкуловски е вклучен во антологијата „Македонска карикатура“ од Владимир Величковски (1994) и во антологијата „Визуелните уметности во Македонија – XX век“, Книга II – „Мултимедијална уметност“ од Соња Абаџиева (2017).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот