Самостојна графичка изложба на Билјана Билбилоска е поставена во македонската амбасада во Виена
Во изложбениот простор на македонската амбасада во Виена, на 16 октомври, во 19 часот, ќе биде отворена самостојна изложба на графики на Билјана Билбилоска, со наслов „Меморија на невидливото“. Изложбата ќе ја отвори македонскиот амбасадор во Виена, Освит Росоклија.
Препорачано
Помеѓу структурата и тишината, графиките на Билјана Билбилоска го истражуваат кревкиот дијалог помеѓу светлината, сенката и сеќавањето. Геометриските форми се појавуваат и се раствораат, откривајќи траги од она што не може да се види, но длабоко се чувствува – тивката архитектура на сеќавањето. Секоја композиција станува место каде што сеќавањето се задржува, помеѓу видливото и невидливото.
Станува збор за 14-та самостојна изложба на Билјана Билбилоска. Досега самостојно се претставувала во Македонија, Србија, Хрватска и Франција. Остварила студиски престој во Меѓународниот град на уметностите во Париз, Франција, а била учесник и на интернационалната резиденција „Монферато“ во Италија. Во моментов е на мастер студии на Институтот ИНАЛКО во Париз.


