Самоизолацијата на некои лекари се решава со системот на ротација

Скопје, лето 2020 / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Лекари и медицински кадар од другите градови веќе помагаат, пред сѐ во болниците во Скопје. Се вклучуваат и приватни интернисти во системот на дежурства во сите болници каде што се лекуваат заболените од ковид-19, велат од Министерството.

Од почетокот на пандемијата постојано се зборува за болничките капацитети, а малку се зборува за намалувањето на докторските капацитети, кои се ненадоместливи. Кревети има каде да се постават, дури и во студентските домови ако дојде до преполнување на болниците, но како се надоместуваат лекари поради фактот што некои заминуваат во самоизолација, прашавме во Министерството за здравство.

Оттаму добивме одговор дека проблемот со недостиг на медицински кадар се решава преку системот на ротација.

– Голем предизвик за справување со ковид-19 е и кадарот во болниците. Знаејќи ја оваа состојба, уште на почетокот министерот за здравство Венко Филипче спроведе ротација на кадарот со лекари и медицински кадар од другите градови во земјата и од други клиники. Сите тие веќе ротираат и помагаат, пред сѐ во болниците во Скопје, каде што е и најголемиот удар. Во лекување на ковид-пациенти се вклучуваат и приватни интернисти во државата, кои имаат договор со Фондот, од кои половината се во Скопје. Нивниот ангажман е во системот на дежурства во сите болници каде што се лекуваат заболените од ковид-19 – велат од Министерството.

Оттаму уверуваат дека никој нема да остане без здравствена нега.

– Клиничкиот центар е во мобилизација и никој нема да остане без здравствена нега. Кадарот е спремен да работи со ковид-пациенти, направен е системот на ротација, распоредот за дежурства за да се покријат и тековните интервенции и амбулантни прегледи со пациентите кои имаат потреба од здравствена нега на некоја од Клиниките – пишува во соопштението.

Оттаму додаваат дека сите интерни клиники во рамките на Клиничкиот центар се подготвени да примаат ковид-пациенти и нема да запрат со редовните прегледи и интервенции.

– Обезбедивме 150 болнички легла и згрижувањето на ковид-пациентите ќе биде под посебни протоколи. Направена е физичка поделба – одделени се деловите во кои ќе се хоспитализираат ковид-пациенти од одделите за пациентите што ќе имаат потреба од редовни прегледи или интервенции. Се зголемуваат и капацитетите на ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“ и во болницата во Козле, а се отвора нов оддел и на ТБЦ – објаснуваат оттаму.

Од Министерството посочуваат дека дополнително околу 180 специјализанти од внатрешноста и од Скопје се враќаат во матичните клиники, со што ќе се направи реорганизација на работата и ротации на персоналот за да може пациентите да ја добијат соодветната грижа.

До 1 ноември вкупно 185 лекари и медицински сестри, како и 80 од друг медицински персонал се во самоизолација, информираат за „Слободен печат“ од Државниот санитарен здравствен инспекторат.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот