Само Трамп го премолче труењето на Навални со новичок

epa08617809 A German Bundeswehr paramedic gestures next to an empty Epishuttle stretcher brought back into a vehicle used in the transport of a car convoy in front of the clinic after Russian opposition activist Alexei Navalny arrived at Charite clinic in Berlin, Germany, 22 August 2020. Navalny was first placed in an hospital in Omsk, Russia, after he felt bad on board of a plane on his way from Tomsk to Moscow. The flight was interrupted and after landing in Omsk Navalny was delivered to hospital with a suspicion on a toxic poisoning. The hospital management agreed on 21 August 2020 to transport Navalny to a German hospital for further treatment. EPA-EFE/CLEMENS BILAN

На потврдувањето на сомневањата дека и Навални пред две недели бил отруен со новичок во Русија прва и најжестоко реагираше германската канцеларка Ангела Меркел, а одговори од Москва побараа и британскиот премиер Борис Џонсон и лидерите на Европската Унија.

Американскиот претседател Доналд Трамп впечатливо беше единствениот западен лидер што вчера се воздржа да ја критикува Москва откако германска лабораторија потврди дека рускиот опозициски лидер Алексеј Навални бил отруен со новичок – советски боев отров што го имало само во арсеналот на Русија.

На потврдувањето на сомневањата дека и Навални пред две недели бил отруен со новичок, пред или за време на неговиот лет од сибирскиот град Томск до Москва, прва и најжестоко реагираше германската канцеларка Ангела Меркел, бидејќи рускиот опозициски лидер е згрижен во болница во Берлин. Тој се уште е во индуцирана кома, но лекарите сметаат дека не е во смртна опасност.

– Алексеј Навални стана жртва на напад со нервниот агенс новичок. Во неговите примероци од тестот е потврдено  присуството на овој отров и тоа е надвор од какво било сомнение. Навални е жртва на злосторство. Тие сакаа да замолчат и јас го осудувам ова на најсилен можен начин, исто и во името на целата федерална влада. Има многу сериозни прашања на кои може и мора да одговори само владата на Русија. Судбината на Алексеј Навални привлече големо внимание низ светот. Светот ќе чека на одговор – изјави Меркел.

Труењето на рускиот опозициски лидер го осуди и британскиот премиер Борис Џонсон, кој оцени дека „руската влада мора сега да одговори што се случило“.

Russia, 22 October 2018. EPA-EFE/MAXIM SHIPENKOV

Трамп две недели без коментар

Трамп до вчера напладне го премолче случајот, а од Вашингтон реагираше само портпаролот на советникот за национална безбедност.

– Труењето на Алексеј Навални е за целосна осуда. Русија го користела хемискиот нервен агенс новичок и порано. Ние ќе работиме заедно со сојузниците и со меѓународната заедница за да ја утврдиме одговорноста кај оние во Русија, каде и да водат доказите, и за да ги ограничиме фондовите за нивните малигни активности – изјави претставникот Џон Алјот.

Трамп во изминатите две недели реагираше на труењето на Навални само со една изјава, одговарајќи на прашање на 20 август.

– Сѐ уште не сум го видел. Го разгледуваме тоа. А и Мајк (државниот секретар Помпео) наскоро ќе ме извести – изјави тогаш Трамп.

Со овој силен отров пред две години во англиското гратче Созбери беа отруени и поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија. Англиските лекари им ги спасија животите и тие по заздравувањето беа префрлени најверојатно во Нов Зеланд, со нови идентитети, а по темелната истрага тогашната премиерка Тереза Меј јавно ја обвини Москва за нападот врз Скрипал, со кој беа загрозени и животите на британски граѓани, и како реакција нареди протерување руски дипломати од Лондон.

Тогаш многу поенергично реагираше и Вашингтон, со протерување на 60 руски дипломати и со затворање на руски конзулат.

Берлин разгледува опции

Уште првичните тестови спроведени во болницата „Шарите“ по згрижувањето на Навални укажаа дека во неговото тело се пронајдени траги од силен отров, кој го има во пестициди, но и во нервниот боев отров новичок. Сега е потврдено дека отровот не бил од пестициди.

EPA-EFE/CLEMENS BILAN

– Со дозвола на Универзитетската болница „Шарите“, специјалната лабораторија на Бундесверот (Федералната армија) спроведе тестирање на примероците на Алексеј Навални. Присуството на боевиот отров од групата новичок е несомнено утврдено – соопшти германската влада.

За резултатите од тестирањата биле известени канцеларката Ангела Меркел, министерот за финансии Олаф Шолц, шефот на дипломатијата Хајко Маас, министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер, министерката за правда Кристин Ламбрехт, министерката за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер, кои се сретнале за да ги договорат следните чекори во однос на Русија. Владата најави дека евентуалната реакција ќе биде усогласена со партнерите на Германија во Европската Унија и во НАТО, а ќе биде известена и Организацијата за забрана за хемиско оружје.

Лекарите во болницата во Омск, каде што Навални беше згрижен веднаш откако му се слошило во авионот, тврдат дека во примероците од неговата крв и урина не биле пронајдени траги од отрови. Властите во Москва, сепак, дозволија Навални во состојба на кома да биде префрлен на лекување во Берлин, а и вчера Кремљ изрази спремност да соработува со германските власти при истрагата за труење на опозицискиот лидер.

– Потврдуваме дека сме подготвени и заинтересирани за целосна соработка и размена на информации за ова прашање со Германија – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Осуди од ЕУ

Труењето на Навални со новичок го осудија и првите функционери на Европската Унија – претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и шефот на дипломатијата Јосеп Борел.

– Се повтори кукавичкиот чин, што е за осуда – изјави Фон дер Лајен, а Борел додаде дека „одговорните мора да се соочат со правдата“.

Новичок е синтетички создаден нервен агенс, развиен во советска воена лабораторија во Узбекистан непосредно пред распаѓањето на СССР во 1991 година. Западни разузнавачки служби се убедени дека во изминатите три децении новичок бил рафиниран во силно оружје за атентати, чие дејство може да се открие само во најсофистицирани лаборатории. Отровот може да ѝ биде „послужен“ на жртвата во течна и во цврста состојба.

 

Подготвил: Митко Билјановски

Навални жртва на труење: Што претставува новичок и како функционира?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот