САД и Иран преговараат за мировен самит – можно е едномесечно примирје
САД, заедно со медијаторите Пакистан, Египет и Турција, разговараат за одржување на мировен самит со Иран во четврток, објави израелската телевизија Канал 12, повикувајќи се на три неименувани извори запознаени со планот,пренесе „Тајмс оф Израел“.
Препорачано
Телевизијата наведува дека новиот договор од 15 точки предложен од САД ќе биде дискутиран на мировниот самит и дека во опција е едномесечно примирје.
Самитот веројатно ќе се одржи во Исламабад, објави телевизија Канал 12 и наведува дека два извори забележуваат дека Иран сè уште не се согласил на таков самит.
Новоизбраниот лидер на Иран, врховниот лидер ајатолах Моџтаба Хамнеи, мора да го одобри присуството на Иран иако наводно е повреден во американско-израелските напади и не се појавил во јавноста од неговото назначување, објави „Тајмс оф Израел“.
Иако САД наводно сакаат состанок на високо ниво меѓу потпретседателот на САД Џ.Д. Венс и претседателот на иранскиот парламент Мохамед Багер Калибаф, тие би можеле да се одржат и на пониско ниво, односно меѓу иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи и врвните помошници на Трамп, Џаред Кушнер и Стив Виткоф.
Информацијата објавена во израелските медиуми доаѓа во исто време додека и американскиот претседател Доналд Трамп во обраќање пред новинарите во Белата куќа изјави дека САД разговараат со вистинските луѓе и тие навистина сакаат да постигнат мировен договор со Иран, во кој учествуваат потпретседателот Џеј Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио.


