САД го одбележуваат Денот на независноста 4 јули

Амбасада на САД во Скопје / Фото МИА

Соединетите американски држави се подготвуваат да го прослават 247-от Ден на независноста. На 4 јули 1776 година беше усвоена Декларацијата за независност на САД од Велика Британија. Во многу градови низ Америка како што пренесуваат американските медиуми луѓето веќе почнаа со свои сопствени традиции за одбележување на денот.

Меѓу првите кои го честитаа празникот на САД од домашните политичари и функционери утринава беше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој на својот фејсбук профил упати честитка по повод 4 Јули – Денот на независноста на Соединетите Американски Држави.

Почитувани пријатели од Соединетите Американски Држави, Дозволете во свое и во име на МВР да ви го честитам Денот на независноста на САД, со желби за континуирани просперитет и благосостојба на пријателскиот американски народ. Оваа година нашите американски пријатели ја одбележуваат 247-та годишнина од усвојувањето на Декларацијата за независност од 4 Јули, 1776 година – денот кога храбрите американски татковци одлучија да ја земат судбината во свои раце и да работат кон изградба на земја која ќе им овозможи ним и на идните генерации Американци да живеат во мир и слобода, напиша Спасовски на Фејсбук.

Според него, Америка е идеја за прогрес, избор на можности, заштита на ранливите категории граѓани, контрола над оние со моќ, но и гарант на правдата.

-Американскиот патриотизам се базира на принципи според кои ниту една личност, ниту една партија, ниту една група на интерес не може да биде над Америка. Тоа е американската приказна. И, долга е низата на патриоти кои ги положиле животите во име на таа света чест за одбрана на оваа нација и на демократијата ширум светот – за слобода, за мир и безбедност, за нови можности, за каузата за правда, или ако сакате – за самата душа на САД – демократијата, наведува Спасовски.

Министерот за внатрешни работи потенцира дека американската демократија е водечка инспирација за демократиите на глобално ниво, а нам, како што наведува, ни претставува особена чест и задоволство што сме стратешки партнери, и што трансатлантската соработка ја унапредуваме како сојузници во НАТО.

Американската амбасада во Скопје утринава со објава на фејсбук им го честиташе 4 јули на сите Американци.

Во меѓувреме жителите на малото гратче во Вирџинија, први се собраа за рана прослава на Денот на независноста каде оваа прослава привлекува илјадници гости уште од 1996 година.

Споделуваме многу знамиња и се обидуваме да дадеме и малку историја заедно со нив. На децата им се допаѓа бојата, им се допаѓа ѕвонењето на ѕвончето“, велат тие. Фестивалот обединува различни заедници во духот на независноста. Живееме во иста заедница, сакавме да бидеме дел од заедницата, знаете, возбудени сме за огнометот“, велат тие.

Мотото на прославата е живот, слобода и потрага по среќа – зборови од Декларацијата за независност а Денот на независноста, генерално се слави со паради и се разбира, огномет.

Инаку Декларацијата за независност на САД е државотворен документ на САД со која се прогласило дека тринаесетте американски колонии кои во тоа време биле во војна со Велика Британија повеќе не се дел од Британската Империја. Декларацијата требало да биде формално објаснение за причините поради кои Конгресот на 2 јули изгласал независност од Велика Британија, после повеќе од една година војување. Националниот празник на САД – Денот на независноста – се слави на 4 јули, денот кога е усвоена оваа Декларација.

Творци на документот главно се Томас Џеферсон, Бенџамин Френклин, Џон Адамс, Роберт Ливингстон и Роџер Шерман. Оригиналниот документ кој бил проследен за печатење е загубен. Документот кој денес е изложен во Националните архиви на САД во Вашингтон е напишан на рака и потпишан од повеќето делегати помеѓу 19 јули и 2 август 1776. Декларацијата за независност и денес се смета за светилник на американската нација за вредностите кон кои треба да тежнее.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот