Ружица од „Ареа“: Во Македонија рокерската музичка сцена е во изумирање, младите слушаат српски турбо фолк што воопшто не ми се допаѓа

И вам ли ви недостига на македонската музичка сцена моќниот глас на Ружица Милошеска – Брчиоска? Имаме добра вест. 

Старите добри песни на гостиварската група „Ареа“ сè уште со задоволство ги слушаме. Иако групата веќе подолго време не е активна на музичката сцена, тоа не значи дека „кренала“ раце од музиката, напротив. Новата песна е веќе создадена, а новиот албум е на креативен пат.

За Ружица, вокал и текстописец на „Ареа“, која со текот на годините станала интровертен тип, изолацијата во почетокот ѝ делувала повеќе позитивно отколку негативно – има повеќе време за себе, повеќе се одмора, повеќе слуша музика, почнала и да пишува песни. Но, како што поминува времето, вели дека оваа состојба почнува да ја задушува, да ја ограничува, во смисла на ограничување на движењето, и сака што побрзо сè да се врати во нормала.

Размислувате ли да се вратите на музичката сцена со нов спот, или дури и со нов албум? Од што зависи тоа, освен од инспирацијата?

– Баш сега Ивица работи на аранжманот на една песна која ја создадовме во периодов на изолација и планираме неа да ја снимиме во студио, а после секако, да снимиме и спот. Планираме и нов албум, полека прибираме песни за него, но не би сакала да зборувам кога ќе биде, за да не испадне сме ветиле, а не сме исполниле (се смее, н.з). Сега малку повеќе ни е отежнато работењето поради полицискиот час бидејќи во периодот кога јас сум слободна, не можеме да одиме во студио и да снимаме, што значи изолацијата тука ја гледам како ограничување, ззшто во моменти на инспирација и желба за работа, тоа не можеме да го оствариме.

Како гледаш на денешната рокерска музичка македонска сцена? Имаш ли некој фаворит од младите?

– Искрено, не ја следам денешната рокерска музичка сцена, не заради друго, туку немам каде да ја следам. Во суштина, не знам ни дали воопшто ја има. Ја нема по медиумите, а во клубовите и кафулињата речиси и воопшто не се пушта ваков вид на музика и сметам дека во Македонија е во изумирање. Според бројот на прегледи на Јутјуб можам да заклучам дека младите најмногу слушаат некаква музика од типот на 2Бона и Кришко, српски турбо фолк и слично, што никако не ми се допаѓа.

После подолг период на пауза, се промени ли твојот пристап кон музиката и воопшто, сензибилитетот?

– Јас сум човек кој сака да расте однатре и секој ден работи на себе во смисла да се биде чист, јасен, без предрасуди, без стравови, со поголем морал и слично, без разлика што начинот на живот општо, и кај нас и во светот, сè повеќе се ориентира кон спротивното: сè повеќе да се заработува, сè повеќе да се троши, сè повеќе да се ужива во надворешни нешта, се забораваат вистинските вредности и на тој начин човекот духовно отапува. Не се чувствува себеси, сè помалку има чувство за другите, станува себичен дебелокожец.

Но, со тргање настрана од толпата ти се отвораат нови хоризонти во животот, чувствуваш поинаку, па се менува и сензибилитетот кон музиката. Чувствуваш што е добро во одреден период да напишеш како текст и како песна да го претставиш на публиката.

Работиш како електроинжинер, професија сосема контрастна на уметничката, како да постојат две Ружици, или?

– Да, тие две работи се сосема различни или контрастни како што велиш. Техниката е стриктна, функционира според одредени правила, додека уметноста е слободна. Сепак, креативноста која ја развив преку музиката и на работното место често ми помага да пронаоѓам решенија на одредени проблеми.

Во периодот на корона-кризата сите се обидуваме да откриеме неоткриени нешта, кои музичари би ги препорачала за преслушување?

– Јас за време на оваа, како што велиш, корона-криза не се обидував многу да откривам неоткриени нешта, туку периодов го чувствувам како времеплов, се враќам назад низ годините што поминале, се потсетувам на нешта, преслушувам многу музика што сум ја слушала во годините наназад, од поп, рок, алтернативен рок и амбиентална музика од  90-те, па сè до електронска денс музика од денешницава, без ограничувања и во сите овие стилови на музика наоѓам добри музичари и добри песни за слушање. Не би сакала ги учам другите што треба да слушаат и да препорачувам некого посебно, има толку многу различна музика за сечиј вкус, само можам да кажам – слушајте музика зашто музиката ја храни душата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот