Руско-кубански воен договор како одговор на американските „Томахавк“ за Украина
Рускиот претседател Владимир Путин потпиша закон со кој се ратификува меѓувладин договор за воена соработка меѓу Руската Федерација и Република Куба, што го објави Кремљ.
Препорачано
Иако текстот на договорот не е достапен од безбедносни причини, неговото стапување во сила има изразено симболично и геополитичко значење, пишуваат дел од западните медиуми.
Потегот доаѓа во период на зголемени тензии и интензивна дебата во Вашингтон за можната испорака на крстосувачки ракети Томахавк на Украина, што дополнително ја засилува чувствителноста околу секое воено позиционирање во регионот на Карибите.
Во последните месеци Москва значително ги интензивираше дипломатските и безбедносните врски со повеќе држави во Латинска Америка.
Покрај Куба, слична рамка за соработка беше воспоставена и со Венецуела. Аналитичарите во Москва ваквите договори ги гледаат како дел од поширока стратегија за геостратешка рамнотежа во однос на засилената западна воена поддршка за Киев и како сигнал кон САД дека Русија има опции во региони кои историски биле чувствителни за Вашингтон.
Ракетната дебата и геополитичките ограничувања
Во САД во тек е расправа околу можноста за испорака на Томахавк, ракета со долг дострел која може да ги погоди целите длабоко во внатрешноста на Русија.
Според западни и руски аналитичари, приоритетни цели би биле фабрики за беспилотни летала и производствени погони, што дополнително ја зголемува нервозата во Москва. Во таков контекст, секој потег на Русија во Латинска Америка добива засилено внимание.
И покрај потпишаниот договор, сценариото за распоредување руски ракети на Куба останува претежно политичко и хипотетичко. Современиот контекст е многу поинаков од времето на Кубанската ракетна криза.

Политичките и економските односи на земјите од регионот со САД, регионалните притисоци и стравот од ескалација претставуваат силни ограничувачки фактори.
Аналитичарот Илја Крамник потсетува дека ниту Куба ниту Венецуела немаат интерес да станат сцена на директна конфронтација меѓу големите сили, бидејќи ризиците од санкции, дипломатска изолација и воени последици се значителни, пренесува порталот Политнавигатор.
Поради тоа, иако договорот ѝ дава на Москва политички простор и можност за дипломатски сигнали, конкретните чекори зависат и од волјата и проценките на земјите домаќини.
Реториката од двете страни, вклучително и најавите дека одговорите би можеле да бидат симетрични, главно имаат сигнална и симболична функција.
Москва делува како од времето на Студената војна
Договорот меѓу Русија и Куба не го менува веднаш соодносот на силите, но испраќа јасна порака за пошироката стратегија на Москва. Тој го отвора прашањето за ново позиционирање на глобалната сцена и ја зголемува чувствителноста околу безбедносните прашања на Западната хемисфера.
Практичната реализација на агресивни воени потези, како распоредување ракети, засега останува ограничена од политички, економски и безбедносни ризици. Во услови на висока меѓународна напнатост, сигналите и симболите понекогаш имаат поголемо влијание од самите конкретни воени потези, што го прави овој договор повеќе геополитичка порака отколку непосредна закана.



