Рускиот рулет сега со варијанта омикрон

ана анастасовска
Ана Анастасовска. / Фото: Слободен печат

Некои лекари предлагаат сега да се удри на колективен имунитет, бидејќи омикрон бил „слаба варијанта“ на вирусот. Други велат дека тоа ќе било играње руски рулет. Ништо ново – Македонците одамна удрија на колективен имунитет, одамна се во рулетот, со поддршка од државата.

Омикрон, официјално, влезе во Македонија пред една недела, иако тој е присутен од порано, но немаше кој да го секвенционира. Гледајќи ги искуствата од земјите што веќе на големо се борат со него, знаеме што нѐ чека. Многу заболени, редици кај матичните лекари, блокада на здравствениот систем… Тотален хаос. Но, ако омикрон е нов за нас, хаосот не е. Ние во Македонија научивме да живееме и да се бориме со коронавирусот кој како знае и умее. Консултации се бараат на социјални мрежи, бидејќи матичните лекари никаде ги нема (чест на исклучоците), антибиотици се купуваат и се кркаат на своја рака, прегледи и тестирања, се разбира, на приватно, на државно воопшто не размислувај да тргнеш, нема термини. Во болница, ако имаш среќа, ќе преживееш, бидејќи единствен протокол за лекување на коронавирусот нема, па секој си тера по свое. Затоа и Македонија е меѓу рекордерите по смртност од ковид-19.

Мерки? Какви мерки, па Комисијата за заштита од заразни болести се повлече како мечка во пештера и чека да помине зимата. Дури за вчера најави дека ќе заседава. И, министерот за здравство исто така си се опушти, никаде го нема. Чека да му заврши мандатот. За дебаклот со вакцинацијата да не зборувам. Кампања никаква, а сличен е и интересот кај луѓето за имунизација. Ама затоа антиваксерските кампањи и теориите на заговор се пуштени на најјако.

А луѓето? Кога гледаат дека целиот државен систем не функционира и дека правилата за едни важат, за други не, удрија на забави и дружења по кафаните. Се вратија на (не)нормалниот живот. Решенија за изолација нема, а со тоа нема ниту контрола на оние кои се позитивни, па така истите тие се шетаат каде стигнат, без ниту грам совест. А вирусот се шири ли, се шири.

Слушам некои лекари предлагаат сега да се удри на колективен имунитет, бидејќи омикрон бил „слаба варијанта“ на вирусот. Други, пак, се распаметени од ваквите изјави. Тоа ќе било играње руски рулет. Нема што да се вадите од памет, Македонците одамна удрија на колективен имунитет, одамна го вртат рулетот, а тоа секако им го овозможи државата. Сега, пак, некои насекирани бараат децата да сме ги заштителе и да учеле онлајн за да не се разболувале и да не ги заразеле повозрасните. Замислете, ако децата ги оставиме дома, ќе се спасиме од омикронот! Не драги мои, ништо веќе не нѐ спасува. Децата додека тргнат на училиште, половина Македонија ќе биде веќе заразена. Со онлајн настава нема ништо да добиеме. Не е логично децата дома да седат, а возрасните по кафани да тераат ќефови. Не е логично децата да дремат пред компјутер осум часа, а потоа слободно надвор да шетаат или да посетуваат спортски активности. Онлајн наставата нема никаква логика повеќе.

Ништо повеќе нема логика во оваа наша држава. Ниту некакви мерки ниту некакви апели. Факт е дека Владата потфрли во справувањето со пандемијата, факт е дека луѓето потфрлија со самосвесноста и со одговорноста. Затоа баталете, не се мачете повеќе. Секој по свое. Кој е свесен и совесен и понатаму ќе внимава, нема да оди по кафани, и за себе и за најблиските. Другите, со Господ напред. Што се вели – кој ќе преживее, ќе раскажува.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот