Руси масовно спасуваат кучиња од отстрел во Сибир

Спасени се 600 кучиња, не се знае судбината на уште 2.000 - Фотографија ЕПА, Јури Кочетков

Жители на цела Русија се обидуваат да ги спасат кучињата-скитници од сибирскиот град Улан-Уде, кои локалните власти ги осудија на ликвидација.

До утрово во Улан-Уде, близу границата со Монголија, биле убиени 18 кучиња, а спасени се повеќе од 600. Освен граѓаните, помагаат и приватни прифатилишта.

– Се јавија многу луѓе со добро срце. Бараат да им пратиме куче, кое било куче, случајно избрано, без оглед како изгледа. Сакаат да спасат душа од сигурна смрт – изјави за Би-би-си Стела Овсојан од групата активисти што го упатиле апелот за помош.

Од Улан Уде кучињата се испраќаат со воз кон Москва, Санкт Петербург или Казан на запад или кон Хабаровск и Владивосток на исток. Активисти со часови чекаат на температура од минус 20 степени на железничката станица, секој со куче на поводник или во рацете. Кучињата ги сместуваат во поштенски вагони и за нив се грижат кондуктерите.

Властите во руската република Бурјатија, каде што припаѓа Улан-Уде, наредиле отстрел поради зачестените жалби на граѓаните дека биле нападнати или каснати од куче-скитник. Русија во 2020 година усвои закон со кој се забранува брутален отстрел на кучиња, туку се налага скитниците да бидат стерилизирани, вакцинирани и пуштени на слобода.

Но, лани беше поништено важењето на законот на територијата на целата Руска Федерација и на секој регион му беше оставена слобода самиот да го решава проблемот. Во Бурјатија се решиле за уништување. Во минатата недела биле упокоени 18 кучиња со инјекција.

Активистите апелираат да добијат повеќе средства и повеќе повици, бидејќи не е извесна судбината на уште околу 2.000 кучиња. Згрижувањето и испраќањето на секое куче со воз чини по 5.000 рубли (околу 55 долари).

– На секое куче што ќе го земеме, остануваат уште три и не знаеме што ќе се случи со нив. Тешко е – вели Овсојан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот