Роналдо веќе не е само фудбалер – стана косопственик на шпански клуб
Португалската фудбалска икона Кристијано Роналдо продолжува да го шири своето влијание и надвор од тревникот. Напаѓачот купи 25 отсто од акциите во Алмерија, клуб што моментално се наоѓа меѓу водечките екипи во втората шпанска лига.
Препорачано
Зделката е реализирана преку неговата инвестициска платформа, а од таборот на Роналдо ја опишуваат како долгорочен и внимателно планиран чекор. Иако точната сума не е соопштена, станува збор за стратешко вложување со кое португалската ѕвезда јасно покажува дека има намера сериозно да се позиционира во сопственичките структури.
Во изјава по повод договорот, Роналдо истакнал дека одамна имал желба да придонесува за развојот на фудбалот и надвор од теренот. Според него, Алмерија има стабилна основа, амбициозен проект и простор за напредок, како на резултатски, така и на организациски план.
Овој потег воедно значи и симболично враќање на Роналдо во шпанскиот фудбал, каде што остави длабока трага во играчките денови, но сега во сосема поинаква улога, како инвеститор и дел од управувачката структура. Неговото приклучување следува откако клубот од Андалузија минатата година премина во рацете на саудиска инвестициска група.
Првиот човек на клубот, Мохамед Ал Кереиџи, не ја криеше својата сатисфакција од новото партнерство. Тој нагласи дека присуството на Роналдо во акционерската структура претставува голем поттик за амбициите на клубот, особено во развојот на првиот тим и младинската школа.
Познато е дека Роналдо одржува блиски деловни односи со Ал Кереиџи, кој одигра важна улога и при неговото доаѓање во Ал Наср по заминувањето од Манчестер Јунајтед. Сега таа соработка добива ново поглавје, со влез на португалската ѕвезда во сопственичката структура на шпанскиот клуб.


