„Ромаверзитас“: Пет ромски студенти кои аплицираа на Медицинскиот факултет се одбиени од државна и приватна квота

Фото: „Ромаверзитас“

Студентите од Здружението на граѓани „Ромаверзитас“ почнаа кампања против злоупотреба на квотите на целиот универзитет и корекција во примената на уписната политика, откако пет ромски студенти кои аплицирале на Медицинскиот факултет се одбиени од државната и приватна квота на факултетот.

Тие испратија реакција и предупредија на протести и поставување шатори до Управата на Медицинскиот факултет, незадоволни од примената на уписната политика и злоупотребата на квотите на Универзитетот.

Како што информираат од здружението, некои од студентите поставиле транспаренти пред Медицинскиот факултет, а отворена е и телефонска линија за контакт и поддршка на сите студенти кои се соочуваат со овој проблем.

– A.A. е една од студентите што не се запиша на Факултет. „Целата моја надеж, љубов и смисла за живот пропаднаа во вода. Претпоставувам нема да бидам студентка на Медицинскиот факултет, но би сакала да се овозможи поголем пристап и можности за наредните Ромски генерации кои навистина би биле одлучни во нивната одлука за студирање. Во нашата држава во која живеат голем број Роми нема смисла само 2 или 3 од нив да станат доктори. Освен што постои ромската квота, на неа треба да бидат додадени плус можности за Ромите, а во едно и таа да се почитува“

Л. А, кој со 88,864 поени од успехот во средно и од државна матура не е примена, исто така реагира затоа што не се пресметани и поените коишто би значеле влез на националности според Стратегијата за Роми? – пренесуваат од „Ромаверзитас“.

Елвис Мемети, советник за инклузија на Роми во Кабинетот на премиерот вели дека целосно ги разбира и поддржува реакциите на студентите.

– Не може да имаме никаква толеранција на злоупотреби во образованието. Ако тука не успееме „до корен да ја искорениме тридецениската дискриминација“ – никаде не сме успеале. Тоа не е само моја битка или политичка борба на ромската заедница, туку и на целото општество. Нашата стратешка цел во образованието е целосен опфат и пристап до сите нивоа на образование. Нашата држава е пример во регионот по бројот на ромски студенти, стипендии и тоа мора да го продолжиме. Кога имаме реакции дека ромските студенти не се примени на Факултет или не успеваат да дојдат до еднакви шанси за натпревар, согласно актуелните уписи и злоупотреби, тогаш таа политика треба да се промени или да се коригира нејзината примена. Во овој случај да овозможиме влез и образование на сите пет студенти. Затоа што бројот на Роми коишто го продолжуваат образованието и бројот на доктори Роми е мал и е дефицитарен во државата и во регионот изјави Мемети.

Како што појаснува тој, според постоечката уписна политика, само десет отсто треба да бидат од заедниците или од 760 студенти, 76 максимум. Од нив, тој вели дека 2,53 проценти можат да бидат Роми, а тоа се само двајца студенти Роми запишани на Медицинскиот факултет.

Злоупотребата на квотите исто така е проблем. Бидејќи шансите, за кој било да донесе заверена изјава на нотар дека е припадник на ромската заедница за да искористи некоја потенцијална можност, се големи. Затоа е потребно и покрај изјавата заверена на нотар да се донесе и потврда или препорака од правно лице (од ромски НВО која работи со средношколци) како поткрепа на изјавата на лицето – додава советникот Мемети.

Од Здружението потсетуваат дека реакции од ромските студенти за медицинскиот факултет имало и претходната академска година.

Други лица место Роми влегоа во државната квота на факултетот, додека ромските студенти беа одбиени. Според Конкурсот за запишување на студенти на прв циклус студии на студиските програми на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во учебната 2023/2024 година, на Медицинскиот факултет треба да се запишат 760 студенти од кои 290 редовни студенти со 200 евра (кои се финансираат од Буџетот на РСМ), додека 340 студенти како редовни студенти со школарина од 400 евра – велат од „Ромаверзитас“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот