Маја Лунде / Насловна корица на романот „Синевина“

Романот „Синевина“ од Маја Лунде ја истражува човечката врска со природата и последиците од климатските промени

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје, во рамките на проектот „ЕУрека: Читањето – семе на иднината!“ го објави македонскиот превод на романот „Синевина“ од современата норвешка писателка Маја Лунде, во превод на Искра Бадева.

Меѓународниот бестселер „Синевина“ од норвешката авторка Маја Лунде е моќен и вознемирувачки роман што ја истражува човечката врска со природата и последиците од климатските промени. Преку две временски линии, приказната ги поврзува минатото и иднината во драматично сведоштво за светот во кој водата станува најважниот ресурс.

Годината е 2017. Сигне, Норвежанка која цел живот се бори за зачувување на природата, на речиси седумдесет години повторно се качува на својата едрилица „Синевина“. Таа тргнува на долго и опасно патување кон Франција, решена да го пронајде човекот што некогаш го сакала и да се соочи со минатото.

Франција, 2041 година. Давид и неговата мала ќерка Лу преживуваат во свет опседнат со суша и глад. Како климатски бегалци, тие талкаат низ хаотична Европа во потрага по вода и сигурност. Во дворот на напуштена куќа длабоко на копното откриваат стара едрилица – неочекуван симбол на надеж, но и таинствена врска со една друга приказна од минатото.

Со силна нарација и длабока емотивност, романот отвора прашања за ранливоста на природата, одговорноста на човекот и изборите што денес ги правиме – избори што ќе ја обликуваат иднината на следните генерации. Во „Синевина“, жедта не е само за вода, туку и за дом, иднина и сигурно пристаниште. Објавен во дваесет земји и номиниран за Наградата на норвешките книжари, „Синевина“ е истовремено предупредување и приказна за надежта – потсетник дека сè уште имаме време да го зачуваме најголемото богатство на планетата.

Авторката Маја Лунде (1975) е норвешка писателка и сценаристка. Своето книжевно деби го имала во 2012 година со трилер чие дејство се одвива во 1942 година. Во 2015 стекнала огромна меѓународна препознатливост со „Историја на пчелите“, кој е и првиот роман во нејзината квадрилогија за луѓето и за климатските промени. Има напишано десетина книги за деца и млади.

Авторка е и на сценарија за филм и телевизија. Делата на Лунде се преведени на повеќе од четириесет јазици и имаат освоено бројни награди и признанија. Живее во Осло со сопругот и со трите деца.

Искра Бадева

Преведувачката Искра Бадева е родена во Скопје во 1980 година. Како вљубеник во културата и литературата на Северот, ги има завршено студиите по скандинавистика на Софискиот универзитет во 2007 година. Живее и работи во Скопје. Преку своите преводи се надева дека ќе ја разбуди љубопитноста на македонските читатели кон историјата, секојдневјето и начинот на размислување на северните народи.

Интензивно работи на преводи на романи и детска литература од норвешки, шведски, дански и од фински јазик. Добитник е на наградата „Златно перо“ за 2011 година која ја доделува Здружението на литературни преведувачи на Македонија.

Има преведено повеќе од педесет дела на актуелни скандинавски автори, меѓу кои се Сара Омар, Мерта Тиканен, Ерленд Лу, Туве Јансон, Пер Петешон, Марија Пар, Ју Несбе, Маури Кунас, Лиса Аисато, Геир Гуликсен, Катри Липсон, Томас Енгер, Ида Хојер, Рој Јакобсен, Маја Лунде и други, како и избор драми од Хенрик Ибзен.

Книгата на македонски јазик е објавена со поддршка на програмата „Циркулација на европски книжевни дела“ во склоп на „Креативна Европа“ на Европската Унија – Потпрограма „Култура“ и на Министерството за култура на РС Македонија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 329, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19.4.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот