Романот „Неразбудениот“ на хрватскиот писател Ранко Матасовиќ е објавен на македонски јазик

Насловна корица на романот во издание на „Македоника литера“

Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ го објави романот „Неразбудениот“ на хрватскиот писател Ранко Матасовиќ, во превод од хрватски на македонски јазик на Катерина Богоева.

„Неразбудениот“ е роман со автобиографски елементи, хроника на загрепското поднебје и хрватското општество од 1920-тите до 2000-тите години. Животот на Радован Маретиќ, главниот јунак на романот, е опишан низ погледите на луѓето од неговата околина – семејството, пријателите, соработниците, љубовницата… Секој од нив додава по едно камче во мозаикот кој го создава ликот, кој ја создава личноста.

Авторот вешто го крие сезнајниот раскажувач, елегантно преминувајќи во раскажување во прво лице низ устата на сведокот на Маретиќевиот живот. Романот го следи животот на Радован Маретиќ, загрепски архитект и социјалистички директор со славонски корени, чие животно дело е катедралата „Св. Бонавентура“ во Бања Лука.

Ранко Матасовиќ (1968, Загреб) е хрватски лингвист (индоевропеист, келтолог), полиглот, автор на стотици научни и стручни трудови, а своевремено и најмлад редовен член на Хрватската академија на науките и уметностите.

Редовен професор е на Отсекот за лингвистика на загрепскиот Филозофски факултет и автор на познатата книга „Лингвистичка историја на Европа“. Докторирал во 1995 година со теза за реконструкција на текстот во индоевропеистиката, стручно се усовршувал на универзитетите во Виена (1993) и Оксфорд (1995).

Автор е на петнаесет книги. Објавил и повеќе од 200 научни трудови во Хрватска и во странство, како и преводи од латински, грчки, хетитски, староирски, новоирски, литавски, велшки, руски, кабардински, германски, француски, италијански и англиски јазик.

Романот „Неразбудениот“ е негова прва белетристичка книга, објавена на крајот на 2022 година. Во 2023 година ја објавил книгата „Дваесет песни за љубовта и смртта“ (со куси приказни за нив).

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 223, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 23-24.3.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот