Романот „Америка“ од Жарко Кујунџиски е објавен на италијански јазик

Жарко Кујунџиски

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје соопшти дека во рамките на проектот „Создадено во Европа: моќта на различноста“ романот „Америка“ од Жарко Кујунџиски го доживеа својот превод на италијански јазик и книгата од печат излегува паралелно и кај нас, во издание на „Антолог“, и во Италија за светскиот пазар во издание на издавачката куќа „Беса Муци“ (Besa Muci).

Преводот на италијански јазик е на Маријанџела Бјанкофиоре и е објавен со поддршка на програмата „Циркулација на европски книжевни дела“ во склоп на „Креативна Европа“ на Европската Унија – потпрограма „Култура“.

Авторот Жарко Кујунџиски (Скопје, 1980) е македонски романсиер, есеист, драмски автор, поет, преведувач и филмски критичар. Дипломирал во 2003 година, а подоцна и магистрирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.

Бил колумнист во дневните весници „Утрински весник“ и „Дневник“, основач и уредник на електронското списание „Репер“ (www.reper.net.mk), копирајтер во маркетинг-агенција и прес-координатор на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола. Главен уредник е на издавачката куќа „Антолог“ од Скопје.

Автор е на 11 книги. Негови дела се преведени на англиски, српски, хрватски, словенечки, полски, германски, турски, бугарски, италијански, украински и на албански јазик. Застапен е во повеќе антологии на македонската проза и поезија. Неговиот расказ „Кога се губат очилата“ е дел од реномираната антологија „The Best European Fiction 2013“.

Добитник е на голем број книжевни награди и на една награда за глума. Член е на Друштвото на писатели на Македонија и на македонскиот ПЕН-центар.

Романот „Спектатор“ е прв дебитантски роман во современата македонска книжевност со осум изданија и досега е преведен на полски и на англиски јазик.

Дополнително, оваа недела од печат излегува уште еден превод на роман од Кујунџиски на странски јазик. Имено, со поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија читателите ќе може да ја читаат „Сфинга на гневот“ на албански јазик. Македонскиот кандидат за наградата „Балканика“ за 2021 година на албански јазик го преведе Бесник Емини.

Преведувачката Маријанџела Бјанкофиоре е родена во 1981 година во Мола ди Бари, мало рибарско гратче помеѓу Бари и Монополи. Дипломирала македонски јазик и книжевност и англоамерикански јазици и книжевности на Универзитетот „Л’Ориентале“ во Неапол, потоа специјализирала теорија и практика на литературниот превод на Универзитетот во Бари.

Од 2006 до 2017 година живеела во Скопје. Предавала на некои универзитети, каде што била активно инволвирана во промоција на културни и општествени проекти. Има преведено различни македонски автори, како Луан Старова, Олег Дементиенко, Катица Ќулавкова, Драги Михајловски, Александар Прокопиев, Лидија Димковска, Влада Урошевиќ и Жарко Кујунџиски.

Преведувала за првата антологија посветена на македонската литература („Македонија. Книжевноста на соништата“) и ја уредила првата „Ромска антологија“. Преведува од македонски, бугарски и од англиски јазик, известија од „Антолог“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот