Рок-групата „Чоканче“ ќе ја претстави својата долгогодишна музичка кариера во Прилеп
Ретроспективна изложба на фотографии и слушачка промоција на албумите „Чоканче 1&2“ и „Апсолутно романтично“ на 30 јануари (петок), од 18:30 часот, ќе се одржи во Ликовната галерија на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп.
Препорачано
На настанот ќе се презентира развојниот пат од над 40 години на групата „Чоканче“, чие прво појавување e на 12 март 1983 година, на „Рок парада“ во салата на тогашното кино „Партизан“ во Битола, заедно со уште 13 локални групи. Со енергичен настап и природен контакт со публиката, „Чоканче“ веднаш се издвојува, а тој ден засекогаш ја променил рок-сцената во Битола.
Од 1986 година наваму, групата настапува со свои авторски песни, снимани за Радио Битола и Македонска радио и телевизија. И покрај прекините во работењето, групата „Чоканче“ останува присутна повеќе од четири децении, постојано носејќи ја својата енергија пред публиката.
Во периодот 1994–1995, во студиото на Миодраг Неќак – Микс започна снимањето на дуплиот албум „Чоканче 1&2“, издаден на касета и промовиран во клубот „Андерграунд“ – Битола, Дом на млади – Штип и Дом на млади – Скопје. Во 2024 година дел од песните беа реиздадени на винил, а наскоро ќе бидат достапни и на компакт-диск.
Групата претрпе повеќе промени во составот, но остана верна на својот препознатлив рок и хард-рок звук, а во денешниот состав на „Чоканче“ се Паљачо, Скрочо, Крчо, Ќебапо и Алеко.


