Родители стравуваат од насилство со огнено оружје во училиштето „Лазо Ангеловски“, школската управа смирува, а случајот го проверила и АНБ
Ученик од основното училиште „Лазо Ангеловски“, во меѓусебна комуникација со врсници на Тикток, наводно споменал употреба на огнено оружје. Додека управата од „Лазо Ангеловски“ ја смирува топката и вели дека не постои простор за паника, туку треба да има поголема контрола на социјалните мрежи надвор од школските врати, родители кренаа аларм и бараат гаранции од училиштето за безбедноста на децата.
Родители што се обратија до редакцијата на „Слободен печат“ се загрижени и стравуваат од можно насилство со огнено оружје во основното училиште „Лазо Ангеловски“ во скопската населба Аеродром. Споменуваат и наводни закани кон дете од друг клас поради невозвратена љубов.
Препорачано
„Знаеме дека се разговарало со детето и неговите родители, а детето рекло дека било само шега. Нашите деца не се баш сигурни дека било шега. Од нив го дознавме ова, но и дека во училница правеле планови како да скокаат од прозорец ако ученикот реши да ги реализира заканите. За да не биде како и со секоја трагедија за која читаме по порталите – отпосле, ве молам да кренеме аларм и да заштитиме невино дете“, пишуваат родителите на ученици од „Лазо Ангеловски“.
До нив, една недела откако разбрале за пораките преку интернет, стигнало соопштение од училиштето, во кое се објаснува дека се ангажирани сите надлежни служби, а воедно е постапено по протоколите за заштита.
Директорката на „Лазо Ангеловски“, Магдалена Петреска, за „Слободен печат“ потврди дека родителите се контактирани подоцна, за да не се крева паника и несигурност и да не се шират дезинформации.
– Родителите почнаа да ги земаат децата, а не постоеше реална закана за безбедноста на учениците. Ниту е употребено оружје ниту има таква закана – вели Петреска.
Пријавата за случајот дошла од ученичка што учествувала во спорниот разговор на 27 февруари. Како што објаснува директорката, најнапред ги известиле класните раководители, а итно дошол и таткото на ученикот. По разговорот, пријавено било и во полициската станица Аеродром и во Центарот за социјална работа на Град Скопје, а потоа во понеделникот, на 2 март, повторно е разговарано со ученикот и со родителите.
– Наставничкиот совет изрече педагошка мерка, направен е индивидуален план за следење на однесувањето на ученикот. Воедно, во училиштето дојдоа и претставници од Агенцијата за национална безбедност и дадени им се сите материјали и докази. Агенцијата не увиде никакви закани – посочува директорката.

Кај нив во „Лазо Ангеловски“, дополнува таа, телефоните се земаат уште на влезот, а вознемирувачките пораки се праќани на социјалната мрежа Тикток, околу 21:40 часот, кога учениците се дома.
– Безбедноста на учениците ни е приоритет, постапивме по случајот, но овде нема вознемирувачки пораки што се јавно искажани за време на наставата, или во училишните простории. Затоа, многу е важно вниманието и одговорноста на родителите за тоа како учениците користат телефони и социјални мрежи кога се надвор од училиштето. Ова се пораки на Тикток, ние не можеме да влеземе на мрежата, ниту да проверуваме што си пишуваат учениците. Родителскиот надзор игра голема улога – нагласува Петреска.
За случајот се обративме и до Општина Аеродром. И оттаму за „Слободен печат“ велат дека е спроведена педагошка постапка и стручните служби постапуваат по закон, а, воедно споменуваат дека случајот е надвор од училниците.
„Станува збор за настан што се случил на социјалните мрежи, надвор од времето за настава. Безбедноста на учениците е наш врвен приоритет и за секоја појава ќе се реагира навремено и одговорно“, ни одговорија од Општината.
Актуелни забраните за социјалните мрежи
Случајот е во време кога Австралија го направи првиот чекор, стана пилот-држава што ги исече социјалните мрежи за младите луѓе под 16 години. Обрачот се стега и во други земји, а Македонија моментално е „против“. Тука и властите и стручните луѓе се на иста линија – избрзана забрана може да донесе контраефект или да ја ограничи слободата.
„Ние минатата година, во сите училишта претставивме начин преку кој родителите може да контролираат кои апликации нивните деца може да ги имаат на своите телефони и другите уреди, колку време може да поминат со нив и кои содржини смеат да ги следат. Сметавме дека ова е начин да ги превенираме опасностите од интернетот, а контролата да ја задржат родителите, а да не ја преземе државата. Тоа е контролата на алатки што се исклучително приватни. Ги користат родители, деца и би било мешање на државата во домашните работи на секое семејство“, изјави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
Од друга страна, експертите што ги контактиравме сметаат дека товарот за социјалните мрежи не треба да остане само на родителите. Особено што денес имаат улога во домашно воспитување и животни вештини, но дополнително и заштита во дигиталниот свет.
„Тоа е двојна одговорност. Затоа не сметам дека целиот товар треба да падне на нив. Сите сме одговорни како возиме автомобил, нели, но државата има сообраќајни правила за да направи безбедност за сите. Оттука, улогата на институциите е да бидат поддршка на родителите“, нагласи комуникологот Бојан Кордалов за „Слободен печат“.
Социјалните мрежи знаат да бидат опасни, а избрзаната забрана уште поопасна


