Рим е прогласен за град со најдобра храна во светот во 2023 година

Фото: Инстаграм/ tasteatlas

Годинава „Тејст атлас“ (TASTE ATLAS) објави и листа на 100 најдобри јадења и кујни во светот, како и листа на градови и региони со најдобра храна во светот, на која победи главниот град на Италија – Рим.

Рим, со право може да се нарече кулинарски главен град, не само на Италија и Европа, туку и на целиот свет.

На оваа листа три италијански града се најдоа на првите три места – Рим на прво место, Болоња на второ и Неапол на трето место, а во топ 10 е и Торино кое е на осмото место. На листата се најдоа и Фиренца, Милано, Венеција, Ла Мора, Катанија, Соренто и Трст, па можеме да кажеме дека Италија доминираше на оваа листа, исто како и на листите за најдобри кујни и најдобри јадења во светот.

Рим секако е победник со висока оценка 4,93. Ова не е изненадувачки, имајќи предвид дека Рим отсекогаш бил познат како еден од градовите со најдобра храна, а неговата кулинарска понуда е сведоштво за богатата историја на градот, со традиционални јадења како тестенини карбонара и кацио е пепе, чии со векови стари рецепти се усовршувале со текот на годините.

Покрај тестенините, има уште толку многу јадења типични за Рим кои мора да ги пробате – пица бјанка или бела пица која се подготвува без никаков сос, само со сол и маслиново масло, како и пица ал таљо (al taglio) што се пече во правоаголна форма, а првата ваква пица била испечена во Рим кон крајот на 1950-тите, кога била прелиена со маслиново масло и сос од домати.

Меѓу другите јадења, вреди да се спомене најтрадиционалното римско јадење, салтимбока ала Романа (saltimbocca alla Romana), односно пржени телешки котлети завиткани во италијанска пршута, зачинети со свежа жалфија, а потоа динстани во бело вино и тестенини Пене ал’арабиата (Penne all’arrabbiata), кои се подготвуваат со зачинет сос од домати, маслиново масло, лук и црвени чили пиперки.

Целата листа на градови и региони со најдобрата храна во светот можете да ја најдете овде.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот