Ретроспективната изложба во Чифте амам го открива длабокото хуманистичко сликарство на Нехат Беќири

Во објектот Чифте амам при Националната галерија на почетокот од 2023 година може да се посети „Ретроспективна изложба – 30 години творештво“ на ликовниот уметник Нехат Беќири со повеќе од стотина дела од неговото творештво.

Следејќи ја сопствената развојна ликовна насока, Нехат Беќири се вбројува во најактивните и најдоследните уметници кај нас. Основите на неговиот творечки развој од почетокот се согледуваат во определбата кон неограничените експресивни можности што ги нуди апстрактното сликарство, во кое доминираат бојата и потегот како базични и нераздвојни ентитети. И токму оваа генеричка синергија кај него секогаш резултира со различни и возбудливи дела, кои за првпат во интегрална форма од сите творечки фази, се претставуваат во Националната галерија.

Осврт кон творештвото на Нехат Беќири, со акцент на делата поставени на ретроспективната изложба, напиша Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос во Националната галерија.

– Нарацијата во делата на Беќири ја осознаваме преку три основни елементи: линијата, бојата и симболиката. Вечната игра на бојата и линијата како носачи на значења, во нагласено индивидуалното сликарство на Нехат Беќири резултира во креирање на цели знаковни, апстрактно асоцијативни системи, секогаш одново и одново подложни на нови или, пак, проширени слоеви на (ре)интерпретации како директен израз на емоција. Во сликите на Нехат Беќири се воочливи многу слоеви врз кои е изградена колективната меморија, нејзините мрачни тајни, но и нејзиниот развој и универзалните хуманистички вредности – посочува Чанкуловска-Михајловска.

По серијата слики со фигурален предзнак – портрети и анимални претстави, во 90-тите години (до 1993), во кои се насетува тенденцијата кон наслојувањето на бојата и гестуалноста на линијата, следува редуцирање на фигурацијата кон дела во кои еден од интересите на сликарските истражувања е и односот на сликарските и несликарските материјали.

Во своето 30-годишно творештво Беќири минува низ повеќе творечки фази, додека доминантно чувство на егзалтираност и свест за човековото страдање и сè поголемата ерозија на вредностите е сè понагласено во делата изработени во последните 7-8 години.

– Неговото досегашно сликарство е исклучително индивидуално и искрено, а неговите дела се одраз на нескриените внатрешни емоции во однос на темите чиј опсег на интерес се движи од длабоко интимни до универзални. Во својата основа, тоа е длабоко хуманистичко сликарство и за свој центар го има Човекот, чие присуство најчесто се чувствува токму преку отсуството во делата. Бидејќи тој е претпоставено мерило на сите ствари, треба да бидеме освестени и опоменати дека неговото егоистично дејствување е спротивно на благосостојбата на човештвото и е, најблаго речено, девастирачко – заклучува Маја Чанкуловска-Михајловска.

Нехат Беќири е роден во Тетово. Дипломирал сликарство на Ликовната академија во Приштина во класата на проф. Муслим Мулиќи, каде и магистрирал во 2001 година. Работи како редовен професор по сликарство на Државниот универзитет во Тетово и предава на Интернационалниот универзитет во Нови Пазар.

Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Има реализирано над триесет самостојни изложби, учесник е на бројни ликовни колонии, како и на голем број групни изложби.

Во Чифте амам се изложени над стотина слики во техника акрил на платно од неговиот творечки опус, како и инсталации и графики. Куратор на изложбата е Маја Крстевска, виш кустос во Националната галерија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 162, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 14-15 јануари 2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот