Ретроспективната изложба „(С)ликовна исповед“ на Јана Манева-Чупоска е поставена во „Мала станица“

Изложбата „(С)ликовна исповед“ на Јана Манева-Чупоска се состои од над стотина дела, изработени во повеќе медиуми: цртежи, колажи, масло на платно, акрил, видеоарт, фотографии. Изложбата третира триесет години творештво, вклучувајќи и дела од студентските денови на едукација на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.

Отворањето на изложбата ќе се одржи на 3 ноември, во 19.30 часот, во објектот „Мала станица“ при Националната галерија. Куратор на изложбата е историчарката на уметност Маја Чанкуловска.

– Речиси е невозможно со неколку реченици да се претстави комплексното и повеќеслојно творештво на Јана Манева-Чупоска. Како мултимедијален уметник, која подеднакво успешно се реализира во повеќе ликовни, односно визуелни дисциплини / форми: цртеж, сликарство, колаж, инсталација, моден дизајн, видео, перформанс… Инкорпорирајќи ги знаењата од сите наведени области, таа смело создава синергија на спротивставени елементи, истражувајќи ги границите на секој медиум одделно и на сите заедно. Можеби синтагмата како „единство на контрасти“ би била суштински моментум за толкување на нејзините комплексни дела, што се потврдува во речиси сите нејзини креации.

Идејно, а како потврда на споменатата синергија, остварувањата на Јана Манева-Чупoска често се потврдуваат преку играта на фигурација, апстракција, симболика. Концепциски земено, таа се занимава со проблематика која започнува од личните интимни приказни, женски приказни, традиција, секојдневие итн., при што своето поле на нарација го проширува со ангажиран пристап и суптилна критика во однос на различни состојби во општеството.

Во нарациска и директна смисла, особено впечатлив е говорот во прво лице изразен преку мноштвото портрети во кои главен протагонист е самата авторка, со што се потенцира потребата за директен говор со гледачот.

Делата на Јана Манева-Чупоска, и покрај сериозноста на темите и отсликувањето на различни емотивни состојби, суштински отсликуваат позитивен и свеж однос кон уметноста и животот, кои во нејзиниот пример континуирано се преплетуваат – напиша Маја Чанкуловска во својот осврт кон изложбата.

Изложбата е финансирана од програмата на Министерството за култура за проекти од национален интерес за 2022 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот